3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавен романот за деца „Тоње Глимердал“ од норвешката писателка Марија Пар

Објавен романот за деца „Тоње Глимердал“ од норвешката писателка Марија Пар

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави романот за деца „Тоње Глимердал“ на познатата норвешка писателка Марија Пар, во преводот од норвешки јазик на Ивица Челиковиќ. „Тоње Глимердал“ се смета за еден од најдобрите норвешки романи за деца од овој век, преведен е на многу јазици и е веќе интернационален хит.

Марија Пар е норвешка писателка за деца која пишува на новонорвешки јазик. Своето деби во литературата го направи во 2005 година со книгата „Вафлено срце“, а во 2009 година ја издаде својата втора книга „Тоње Глимердал“, за којашто ги доби највисоката национална книжевна награда „Браге“ во категоријата детска литература и Наградата на норвешките критичари за литература. Романот „Тоње Глимердал“ е награден и со високи награди за литература за деца во Германија и во Франција. Според романот е снимен филм и е поставена театарска претстава. Во 2017 година излезе нејзината трета книга „Чуварите на морето“, која е продолжение на „Вафлено срце“. Првите две нејзини книги се преведени на многу јазици и се топло прифатени како од децата низ целиот свет така и од критичарите, кои сосема оправдано ја нарекуваат „новата Астрид Линдгрен“.

Музиката, пак, којашто постојано е присутна низ целата приказна како еден многу важен и традиционален елемент во комуникацијата меѓу луѓето, ја дава поентата дека и модерните луѓе кои го апсорбираат секој нов импулс што го носи времето имаат потреба од сигурноста и стабилноста на традиционалните вредности кои, сепак, треба да се негуваат и да се почитуваат.

Во романот „Тоње Глимердал“ Марија Пар раскажува извонредно конструирана и топла приказна за меѓучовечките односи и чувства, со необични и нетипични карактери, каков што е и главниот лик Тоње Глимердал.

Деветгодишното девојче Тоње страда од фактот што е единственото дете во своето селце, но е многу среќна што му е најдобрата пријателка на 74-годишниот старец и нејзин кум – Гунвалд. Двајцата се прекрасно друштво, заедно прават санки, свират и пеат…, со еден збор – одлично се забавуваат. Но, многу често се случуваат и непредвидливи работи и се соочуваат со неверојатни тајни, заплети и пресврти. Во нивните разврски има и тага, но многу повеќе радости. Тоње – `Фуријата на Глимердален`, како што ја знаат сите, е секогаш неуморна и бестрашна кога сака сите неправедни работи да ги доведе во ред. А приказната во овој роман покажува колку е важно да имате пријатели и како децата знаат да бидат помудри од возрасните. Сè е добро кога ќе заврши добро, но поубаво и од празник е кога тоа така ќе заврши на роденденот на Тоње Глимердал, а читањето на овој роман може да се доживее како мал литературен празник.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП