1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРекордни цени на пиперките - колку чини тегла домашен ајвар?

Рекордни цени на пиперките – колку чини тегла домашен ајвар?

Пиперките „Ајварки“ годинава имаат рекордно високи цени, но пресметките покажуваат дека традиционалното, домашно производство останува најевтината варијанта. Ако ја направите сами една тегла би чинела околу 70 денари, а ако ја купите во маркет треба да платите и над 200. Сепак, овде не се зема предвид вложениот труд – правењето зимница е вистинска мака.

Ајварот ќе биде поскап – рекордни цени на пиперката

Ајварот ќе биде поскап. Годинава пиперката „Ајварка“ има и до 30% повисока цена од лани. Оваа година килограм се продава за 23 до 25 денари на големо односно на вреќа, па дури и до 30 денари на мало односно во маркетите. Минатата година се нудеше за 17 до 20 денари.

„Топлотниот бран кој ја зафати Македонија во јули и во август значително го намали производството и предизвика големи оштетувања кои се движат од 50 до 100 проценти“, вели земјоделец од Струмица.

Засега нема проблем со откупот со оглед на драстично помалото производство.

„Лани имавме голем род ама многу беше ниска цената, сега имаме добра цена, меѓутоа немаме производство. Јас секогаш бев оптимист дека ќе има ајвар и пиперка, меѓутоа оваа година сум песимист и мислам дека ќе има недостиг на пазарот“, вели земјоделец од Струмица.

Инаку површините под индустриска пиперка под кои спаѓа и „Ајварката“ секоја година се зголемуваат покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Тегла домашен ајвар чини околу 70 денари

И покрај поскапите пиперки домашниот ајвар секако останува најевтината варијанта, ако не се земе предвид работната рака односно вложениот труд.

Пресметките на денар.мк покажуваат дека една тегла годинава ќе чини 70 денари. До оваа сума се доаѓа кога се ќе собере.

Ако килограм пиперки чини 25 денари, а дозата е 50 килограми; само за главната состојка се потребни 1.250 денари. На оваа количина пиперки се потребни околу 20 модри патлиџани кои би чинеле 200 денари. За зејтин треба да се одвојат околу 350 денари колку што чинат 5 литри. Оттука вкупните трошоци изнесуваат достигнуваат 1.800 денари. Од 50 килограми пиперки во просек се добиваат околу 25 тегли ајвар, што значи дека една тегла ќе ве чини околу 72 денари.

Домаќинките се поретко прават домашен ајвар

Сепак, традицијата на правење ајвар полека се напушта. Се помалку домаќинки се нафаќаат на мачната процедура – печење, лупење, мелење, пржење на пиперките. Најголем дел од семејствата веќе почнаа да купуваат готов ајвар, или од маркетите или преку огласите.

На интернет огласниците десетици луѓе нудат домашно произведен ајвар. Цените се движат од 220 па и над 300 денари.

„Јас веќе десетина години не правам ајвар. Го земам од жена од Зелениково која ми го прави по рецептот кој го наследив од мајка ми. Малку е поскап, но индустрискиот, колку и да е подобар од порано, не може да се мери со него. Кога сум тенка со пари, порачувам помалку, колку моето семејство да вкуси домашен ајвар, кој многу го сака“ вели жителка на скопската населба Аеродром.

Сепак, индустрискиот ајвар последниве години има многу подобар вкус од порано. Но, паралелно со подобрувањето на рецептот растеа и цените. Тегла во маркетите сега се продава од 250 до 350 денари. Има и поевтин, но тој навистина не се мери со домашниот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП