28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЕдна година од случајот „Макпетрол“ – дали институциите затаија?

Една година од случајот „Макпетрол“ – дали институциите затаија?

Измина една година од контроверзниот обид на руско-украинската офшор-компанија „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ да го преземе македонскиот нафтен гигант – Макпетрол.

Случајот уште од самиот почеток имаше елементи на скандал, откако се откри дека „БХПЛ“ е офшор компанија со потекло од Кипар и Британските Девствени Острови, формирана само еден месец пред обидот за преземање. Новинарите-истражувачи открија и информации за матното минато на луѓето од „БХПЛ“, преполно со обвинувања за корупција, перење пари и врски со руската мафија.

Но, она што случајот „Макпетрол“ вистински го обележува како скандалозен, е односот на македонските институции.  Имено, институциите останаа глуви на повиците на пошироката  јавност и  на експертите да го истражат минатото на сомнителните бизнисмени од „БХПЛ“ и потеклото на нивните пари, како и да се забрани влез на сомнителен капитал.  Поради сериозноста на  случајот,  се заинтересира и Европската енергетска заедница, која побара одговори од државните институции за случајот, но институциите го игнорираа ова барање и не доставија никаков одговор.

Како најодговорна од институциите е Комисијата за хартии од вредност, која според законот одлучува во вакви случаи. КХВ во изминатата година се огласи само еднаш – во септември лани, со соопштение дека ја прекинува постапката за преземање на Макпетрол, со штуро образложение дека се чека „ решавање на претходно прашање кај друг надлежен државен орган“. Оттогаш, постапката е „привремено запрена“, а вработените и акционерите на Макпетрол, како и целата јавност, и по цела година се во неизвесност  за судбината на Макпетрол. Дел од експертите, кои цело време повикуваат КХВ да престане да ја одолговлекува постапката и да бега од одговорност со префрлање на случајот на други институции, сега велат дека има основи и за кривична одговорност кај надлежните поради односот кон случајот „Макпетрол“. Со ваквото „постапување“ на институциите , очигледно случајот  има друга, нејасна позадина, а претседателката на КХВ и членовите на Комисијата ќе мораат да ѝ објаснат на јавноста зошто цела година избегнуваат да донесат одлука и разрешница за сагата околу Макпетрол. Молкот од институциите за ова прашање и натаму ги подгрева шпекулациите дека некој се обидува да дозволи влез на сомнителен капитал од странство во македонското стопанство. Влогот е огромен, а последиците од една ваква авантура, кои би ги чувствувале сите граѓани, би биле погубни за државата, велат аналитичарите.

Наспроти предизвиците со кои се соочи во изминатата година, последните финансиски резултати на Макпетрол покажуваат дека компанијата е консолидирана и се наоѓа во одлична кондиција. Нафтениот гигант прикажа добивка по оданочување од околу шест милиони евра, а ја зголеми продажбата на енергенси на мало за девет проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП