20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНаградени најдобрите општествено одговорни компании за 2012 година

Наградени најдобрите општествено одговорни компании за 2012 година

plant

Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија денеска по шести пат ги доделија националните награди за најдобри општествено одговорни практики за 2012 година.

Наградите се доделуваат на големи, мали и средни претпријатија кои аплицираат со свои проекти во пет категории. Во категоријата однос кон вработените за најуспешна компанија годинава е прогласена Македонски телеком и Т-Мобиле, а во категоријата „етичко управување“ компанијата „Раде Кончар“. Наградата во категоријата „односи на пазарот“ ја добија „Цементарница УСЈЕ“ и „КБ Прво пензиско друштво“, додека во категоријата „животна средина“ за најуспешни се прогласени „Македонијатурист“ и „Раде Кончар – сервис“. Во категоријата „вложување во заедницата“ наградата ја добија „КАДИС“ Скопје и Млекарница Битола.

Првпат годинава националната награда за општествена одговорност е дел од иницијативата поддржана од Европската комисија за европски систем на наградување  на ООП. Како резултат на тоа „Млекарница Битола“ и „Раде Кончар – сервис“ ќе се претстават со своите проекти пред европската публика на 25 јуни во Брисел.

Според државниот секретар за економија Анче Трифунов, големиот интерес на компаниите годинава е доказ дека наградата ја постигнува целта – да се прошири кругот на деловни субјекти кои настојуваат да работат одговорно кон животната средина и социјалното опкружување.

– За среќа компаниите многу брзо сфатија дека ООП не значи трошок, туку зголемување на додадената вредност на нивните производи и услуги, подобрување на угледот и имиџот на претпријатијата, подобрување на односите со добавувачите, потрошувачите и потенцијалните инвеститори, висока мотивираност и лојалност на вработените и долгорочен успех во бизнисот, истакна Трифунов.

Претседателот на Координативното тело за ООП, Александар Николов оцени дека покрај зголемувањето на бројот на апликанти, од година во година се подобрува и квалитетот на проектите со кои конкурираат компаниите.

– Секоја година добиваме се пософистицирани апликации што опишуваат практики кои остануваат постепено долгорочни пристапи кон општествената одговорност и практики што значат градење со граѓанскиот и јавниот сектор со цел заштита на животната средина и обезбедување на подобри услови за живот, рече Николов.

Директорот на „Раде Кончар“ Ацо Антевски смета дека се исплати вложувњето во општествената одговорност.

– Моментално со едно вакво вложување излеговме и на светскиот пазар, односно во Шведска и на скандинавските земји. Значи ако имате оштествено економски инвестирања, оправдано имате и профит, вели Антевски.

Конкурсот за годинашните награди траеше од 18 јануари до 11 март годинава. За наградите конкурираа најголем број компании досега, односно 43 со вкупно 66 проекти. Една третина од компаниите аплицираа за првпат. Најголем број апликации имаше за категориите „животна средина“ и „вложување во заедницата“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП