Германски автомобилски папараци успеаа да ја фотографираат третата генерација на „CLS“, купето со четири врати на „Mercedes-Benz“. Иако маскиран, фотографиите јасно покажуваат дека автомобилот нема да претрпи револуционерни промени во дизајнот. Според „Auto Express“, сепак може да се промени името – „CLE“ наместо „CLS“.
Тоа би било последователен чекор во обидите на компанијата да воведе малку повеќе логика во имињата на моделите. Новиот „CLS“ ќе одговара на платформата на последната генерација на „Е-Class“, што би ја објаснила и евентуалната промена.
Од шпионските кадри можеме да претпоставиме дека следниот „CLS“ ќе е со помала решетка и истенчени „LED“ фарови. Капакот изгледа малку издолжен.
Најсуштествената промена е во задните светла – наместо дијагонални, какви што беа досега, тие станаа хоризонтални како во „S-Class Coupe“.
Првата генерација на „CLS“ беше претставена во 2004-та година и практично создаде класа на купе возила со четири врати, каде потоа се сместија и конкуренти како „Audi A7“ и „BMW 6 Gran Coupe“. Во 2011-та моделот ја доби втората генерација, а во 2014-та следеше редизајн на истата каде можете да го погледнете во видеото.