27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНајновиот филм на Вуди Ален на Cinedays

Најновиот филм на Вуди Ален на Cinedays

cafe-society-696x464

„Кафе друштво“, најновиот филм на Вуди Ален , филмот „Игла под прагот“ во кој главната улога ја игра Никола Ристановски, како и концерт на „Новиот почеток“ е само дел од она што може да се види во среда на Cinedays.

Најновиот филм на Вуди Ален „Кафе друштво“ ќе биде прикажан во кино „Милениум“.Главниот лик, младиот Боби Дорфман во потрага по возбудлива кариера го напушта Њујорк за сјајот и гламурот на Холивуд во 1930-тите. Откако ќе се вработи кај вујко му, Боби се вљубува во Вони, шармантна жена, која по некоја случајност е љубовница на неговиот вујко и шеф. Помирувајќи се дека ќе бидат само пријатели, но со скршено срце, Боби се враќа во Бронкс и почнува да работи во ноќен клуб. Тој ќе започне врска со една прекрасна џетсетерка и сѐ изгледа супер, но еден ден Вони се враќа во неговиот живот и повторно му го освојува срцето.

Филмот во режија на Николас Виндинг Рефн, „Неонскиот демон“ е приказна за Џеси која веднаш по нејзиниот 16ти роденден се сели во Лос Анџелес за да започне кариера како модел. Директорот на нејзината модна агенција ѝ кажува на тинејџерката дека ги има сите квалитети потребни да стане ѕвезда. Џеси набрзо се соочува со гневот на безмилосните злобници, кои ги презираат нејзината младост и убавина. Згора на тоа, таа мора да се справува со бесрамниот менаџер на мотелот и морничавиот фотограф. Како што Џеси се вивнува во светот на модата, нејзиниот карактер се менува така што би можела да се одбрани од нејзините бескрупулозни ривали.

Меѓу останатите во филмот игра и познатиот американски актер Киану Ривс, а Клиф Мартинез беше награден за најдобар композитор на Канскиот филмски фестивал.

На програмата во кино „Фросина“ ќе биде прикажан филмот „Игла под прагот“Филмот на Иван Мариновиќ, кој се натпреварува во категоријата СинеБалкан. Отец Петар стравува дека вселената е индиферентна, Бог повеќе не се меша, цопругата го напуштила, неговиот син му пркоси, а мајка му едвај го препознава благодарение на Алцхајмеровата болест. Кога Петар станува пречка за продажба на еден голем имот во неговата парохија, група весели, но одмаздољубиви селани решаваат да го избркаат. Нивните креативни начини го уверуваат целото суеверно село дека Петар е причината за сите проблеми на полуостровот. Нивниот судир ескалира на погреб на божемна вештица што го претвораат во огромен хаос. Не само што Петар е дискредитиран како свештеник во крајот, туку и тој комплетно ја губи вербата во луѓето.

Нашиот Никола Ристановски, ја има главната улога, а во филмот игра и култниот Богдан Диклиќ.

Филмот „Кривина“ на Рифки Асаф е во официјална селекција. Палестинецот Ради живее сам во сино „Фолксваген“ камперско комбе, и се чини дека тој бега од сопствениот живот толку, колку што побегнал и од географската локација. Додека вози низ Јордан, наидува на други луѓе со слични маки: Лејла е Палестинка, но таа се враќа во кампот Јормук во Сирија, по пропаднатиот брак. Кога нејзиниот таксист се обидува да ја ограби, Ради (навидум неволно) доаѓа на помош; Сами, во меѓувреме, е протеран либански телевизиски режисер чијшто автомобил се расипал на пат кон Ирбид. Внатре во комбето, тројцата разговараат за местата и луѓето што никогаш повторно нема да ги видат. Надвор од комбето, наидуваат искри сеќавања како пејзаж, и во друштво на неговите сопатници, Ради полека почнува да се отвора.

Филмот на Хана Јусиќ „Не ми зјапај во чинијата“ е во конкуренција за награда во категоријата СинеБалкан. Тој е приказна за Маријана чиј живот, сакала или не, се врти околу нејзиното семејство. Тие живеат во еден малечок стан и се излудуваат меѓусебно. Во меѓувреме нејзиниот татко има мозочен удар и останува комплетно врзан за кревет, а Маријана станува глава на семејството. Набрзо, таа веќе работи на две работни места за да го издржува семејството, додека мајка ѝ и нејзиниот хендикепиран брат само ѝ одмогнуваат. Притисната до крај, Маријана наоѓа утеха во бесрамен секс со непознати; а откако ќе ја вкуси слободата, ќе посака уште. Но сега, кога конечно наоѓа слобода, што ли треба да прави со неа?

На филмскиот фестивал во Венеција, Хана Јусиќ ја доби наградата Федеора за најдобар Еуро-медитерански филм.

Во Џебното кино ќе продолжи прикажувањето на Студентски филмови, а денес на програмата се филмови од ЕСРА.

На истата локација ќе биде прикажан и музичкиот документарец „Фет рек“,Дваесет и пет години панк етика, семејство и преживување во музичкиот бизнис. Овој музички документарец ја раскажува приказната за легендарниот Фет Мајк (од легендарните NOFX) и неговата поранешна сопруга Ерин-Кели Баркет и нивната издавачка етикета Fat Wreck Chords, документирајќи го раѓањето, подемот, борбата и нејзиното преживување.

Продолжува и ревијата филмови на Орсон Велс, вечерва се прикажува филмот „Процес“.
Во МКЦ концерт ќе одржи „Новиот почеток“, кои се на 40 дневна европска турнеја. Последниот концерт од нивната голема турнеја насловена “Sorry for the mess” токму на CINEDAYS.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП