4 мај, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕПедијатари: Да се ограничи пристапот до интерактивните екрани за помладите од 3...

Педијатари: Да се ограничи пристапот до интерактивните екрани за помладите од 3 години

Best-tablets-for-kids

Француското Здружение за амбулантна педијатрија (AFPA) изрази загриженост по истражување спроведено на 428 деца помлади од три години, чиишто резултати покажале дека дури 47 отсто речиси редовно користи интерактивни екрани на таблети или паметни телефони.

Имајќи ја предвид бројката, специјалистите педијатари потсетуваат на тоа дека сосема мали деца своите пет сетила мора да ги користат во интеракција со околината.

Истражувањето покажало дека од 47 отсто деца помлади од три години, дури 93 отсто интерактивните екрани на таблетите или на паметните телефони ги користат во своите домови, а 12 отсто во автомобили, од што 30 отсто тоа го прават во присуство на еден родител или возрасна личност.

„Доколку детето изрази желба, не треба да му се ускрати играта. На дете од две и пол години може да му се овозможи да се поигра и на тој начин. Но притоа е важно во играта да учествуваат двајцата, возрасното лице и детето, односно детето да биде под надзор“, советува др Франсоа-Мари Карон, педијатарка од Амјен и членка на AFPA.

Студијата покажала дека и по третата година од животот, 48 отсто од децата со интерактивните екрани се служат секојдневно половина час, а во половината случаи притоа се без надзор од возрасно лице. Педијатарите препорачуваат во оваа животна возраст на детето да се користи за него соодветна содржина на кус временски период, притоа да се исклучи истовремениот оброк, тоа да не биде пред спиење и во секој случај во играта да учествува и едно возрасно лице или повозрасно дете.

Таквите игри може да се вклучуваат во процесот на учење, но во ниеден случај не смеат потполно да ги заменат традиционалните детски играчки, сметаат француските педијатари.

Специјалистите предупредуваат и на програмите, рекламите и сличните содржини кои на најмладите деца им се достапни преку екраните, а врз нив може негативно да влијаат, бидејќи им претставуваат многу големо емоционално оптоварување.

Истражувањето покажало и дека 61 отсто од децата помлади од три години ги следат телевизиските дневници, кои за нивната возраст имаа целосно несоодветна содржина.

Студијата во февруари 2016 година ја спровеле 144 француски педијатари, членови на AFPA, меѓу родителите на 197 деца помлади од три години (со просечна возраст од 20 месеци) и на 231 дете повозрасно од три години, со просечна возраст од 6,5 години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП