26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПетте „парчиња“ кои направија легенда од Принс, биографија

Петте „парчиња“ кои направија легенда од Принс, биографија

594

Стотици песни, 39 студиски албуми, од кои четири беа објавени во последната година ипол. Пејачот Принс, или роден како Принс Роџер Нелсон, беше вонредно талентиран и мегапопуларен, и затоа можеше да си дозволи да биде ексцентричен и непредвидлив, како на пример кога си го смени името во тешко описливиот симбол.

Славниот американски пејач Принс, почина во 58-та година од животот во четвртокот во својот дом во близина на Минеаполис, во сојузната држава Минесота.

Го одликуваше неверојатна енергија и работливост, со часови можеше да работи во своето домашно студио и да снима. Но вистинската „магија“ настануваше на сцената, кога излегуваше пред илјадниците поклоници. Принс умееше да ја излуди публиката, и во мигот потоа веднаш да ја „спушти“ внимателно да слуша лирска композиција. Во тоа се состоеше неговото волшепство а петте нумери кои звучат како од некој друг свет го зацврстија на пиедесталот на музичките легенди.

„I Wanna Be Your Lover” од 1979 година е првиот вистински хит на Принс кој му донесе не само слава, туку и репутација меѓу музичките критичари. Веќе тогаш новинарите го споменуваа специфичниот „минеаполски звук“, за чиј родоначалник подоцна без дилеми го прогласија Принс. Се смета дека точно нему му успеало стилистички да ги обедини во еден неколкуте стилски правци: фанкот, рокот, попот, синти-попот и музиката на тогаш појавениот нов бран.

Истата година 1979-та го лансира и хитот „Why You Wanna Treat Me So Bad?“, и дефинитивно почетокот на осумдесеттите години од минатиот век започнува подемот во кариерата на Принс. Албумот „Prince“, на кој е и споменатата нумера, е целосно негово авторско дело, од компонирањето и аранжманот до исполнувањето. Извонредната продажба му го овозможи достигнувањето на „платинестиот тираж“.

Во 1984 година светот го запознава еден од неговите најголеми хитови „Purple Rain“ и сигурно песната којашто најмногу се идентификува со Принс. Во текот на 1980-те Принс го следи веќе разработениот и проверен рецепт за успех: мешавината од различните музички стилови и провокативната лирика. На албумот „Purple Rain“ првпат гостува и неговиот бенд Тhe Revolution. Сите нумери од албумот се вклучени во истоимениот филм, чија премиера се случи истата година. Стилот на овој албум е сосема поразличен од претходните негови творби, и на него тој се обидува да ги покаже сите можноста на звукот на бендот, кој во тој момент го придружуваше.

Нумерата „Batdance“ од 1989 година се наоѓа на албумот „Batman“, единаесеттиот по ред студиски албум на Принс, во кој тој активно експериментира со електронскиот звук. Истовремено тогаш артистот го променува и својот надворешен изглед појавувајќи се на сцените во повоздржаните црно-бели костуми.

prince-rogers-nelson-obituary-02

Во 1990 година, непомалку ексцентричната ирска пејачка Шинед О’Конор ги завладува врвовите на топ-листите со суперхитот „Nothing Compares 2 U“. Оваа песна Принс ја создал уште во 1985 година, но само во интерпретацијата на О’Конор оваа искрена балада ја доби неопходната сенка и атмосфера со што беше осудена на успех.

Американскиот пејач, текстописец, композитор, мултинструменталист, продуцент и изведувач Принс Роџер Нелсон е роден на 7-ми јуни 1958 година во Минеаполис, во американската сојузна држава Минесота во семејството на џез музичарите Џон Неслон и Мети Шо.

Во поголемиот дел од својата кариера настапуваше под името Принс, но користеше и многу други псевдоними, Се смета за еден од основоположниците на стилот „ритм-н-блуз“.

Со музиката се занимава од раното детство, самиот научил да свири на 20 инструменти. Во тинејџерските години го основал бендот Grand Central, кој подоцна го преименува во Champagne и исполнува негови песни.

Во 1976 година, Принс ја прави својата прва демо-снимка. Подоцна потпишува договор со издавачката куќа Warner Bros. Својот прв албум „For You’ го издава во 1978 година, и е автор на повеќето композиции на него, но винилот не постигнува особено внимание ниту од публиката, ниту од критичарите.

Во 1979 година формира група, а двата следни албума „Prince“ од 1979-та и „Dirty Mind“ од 1980-та му ја носат славата. Во1981 година се појавува со четвртиот албум „Controversy“ од кој истоимената нумера влегува на меѓународните топ листи.

Меѓународен успех Принс доживува откако веќе во 1982 година го издава албумот „1999“, од кој продава повеќе од три милиони примероци. Две песни од овој албум влегоа подоцна на листата на најголемите песни на сите времиња според магазинот Rolling Stone.

Во 1984 година го снима шестиот студиски албум „Purple Rain“, кој го следеше истоимениот филм, во кој Принс ја толкуваше главната улога и работеше на звукот. Во САД беа продадени повеќе од 13 милиони копии од албумот кој мина 24 седмици меѓу првата десетка на топ листите. Две композиции од „Purple Rain“, „When Doves Cry“ и „Let’s Go Crazy“ станаа планетарни хитови, а насловната нумера од албумот дојде на второто место од стотен најдобри на американското списание Billboard.

Header-Prince-628x378

Во февруари 1985 година, Принс станува трикратен лауреат на престижните музички награди Греми, и тоа за најдобра R&B песна за „I Feel For You“, за најдобар саундтрек и за најдобар композитор. Наскоро беше награден и со статуетката Оскар за најдобра филмска музика.

Во 1985 година Принс го издава новиот албум „Around the World in a Day“ кој за само три седмици од почетокот на продажбата влегува во првите десет албуми во САД. Наскоро снима и спот за нумерата од новиот албум „Raspberry Beret“ со кој повторно се искачува до втората позиција на листата од топ стотката на Billboard.

Во 1986 година, пејачот го издава новиот албум „Parade“ како и саундтрекот за филмот „ Under The Cherry Moon“. Албумот доаѓа на третото место на Billboard и втор на R&B топ листите.

Следната 1987 година се појавува албумот „ Sign ‘O’ the Times“ кој доаѓа до десеттото место на листата на Billboard. Неговиот 11-ти студиска албум се појавува по две години, во 1989 годна под наслов „Batman“, кога Принс станува еден од комерцијалните најуспешните американски артисти.

Во 1993 година, Принц го објавува албумот за чиј наслов ја избира комбинацијата од симболите за машкиот и за женскиот принцип. Истиот симбол веќе го означува и самиот него од претходните години беа реиздавани под името „Принс (1958-1993)“, а новите под името „авторот порано познат како Принс“.

Општата конфузија со промената на името и придружниот катастрофален пад на продажбата резултираа со судската битка на Принс со неговата етикета „Warner Brothers“, која, според пејачот, ја ограничувала неговата творечка независност. Тогаш се појавуваше во јавноста со отпечатен на лицето зборот „роб“.

Во 2000 година започнува повторно да го користи сопственото име. Во 2004-та, Принс го објавува албумот „Musicology“ кој е дочекан со позитивни критики во медиумите и неколку признанија Грем. Во 2005 година неговото име влегува во Рокенрол куќата на славните. Во 2006-та ја пишува музиката за анимираниот филм „Happy Feet“ песната „Song of the Heart“ за која ја добива наградата Златен глобус.

На 21ви април 2016 година е најден мртов во неговиот дом во Минесота. Се утврдуваат причините за смртта. Телото на Принс Роџер Нелсон, е пронајдено во неговиот дом во близина на Минеаполис. Според медиумите последните седмици Принц боледувал до грип. На 15-ти април неговиот авион имал вонредно ненајавено слетување во државата Илиноис поради влошување на неговото здравје, но веќе следниот ден Принц настапи на концерт.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП