КУЛТУРА

Самостојна фотографска изложба на Јана Луловска во македонскиот КИЦ во Софија

кицо

Самостојна фотографска изложба на Јана Луловска, со наслов “Корелација”, беше отворена во средата вечер во Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија.

На изложбата која ќе биде поставена до 6 април, публиката преку 22 диптиха работени во гумитипија, има можност да се запознае со естетиката и мајсторските умеења на младата македонска уметница.

Изложбата ја отвори директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров, а Јана Луловска во својот поздравен говор посебно го образложи процесот на создавањето на овие необични фотографски дела, кои во своето финално претставување наликуваат на акварели.

Луловска е родена во 1986 година во Скопје, има завршено фотографија на Академијата за филм и театарска уметност во Софија, реализирала неколку самостојни и повеќе групни изложби, од кои позначајни се нејзините претставувања во Скопје, Брисел и неколку градови во Р. Бугарија.

Првата самостојна фото-изложба на Јана Луловска во меѓународни рамки, беше финансиски помогната од нашето Министерство за култура.