20 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕОткриен генот одговорен за раст на белите влакна

Откриен генот одговорен за раст на белите влакна

Handsome man relaxing in sofa at home

Меѓународната група научници успеала точно да го одреди генот одговорен за растот на побелената коса, наречен IRF4, а откритието би можело да резултира со откривање нови начини коишто ќе го одложат или спречат овој природен знак на стареењето, според студијата објавена во списанието Nature communications.

Групата меѓународни научници открила и дека процесот на настанување на побелените влакна не е последица од стрес, консумирање премногу алкохол, уживање во никотин, изложување на сонце или недостиг од витамини, како што досега се веруваше, туку е одреден со генетското наследство, па во иднина би можеле наместо заминување на фризер да се одлучиме за генетска манипулација.

Научниците од 6.000 лица од различни раси земале примероци од ДНК. Утврдиле дека генот IRF4 го одредува пигментот за природната боја на косата, кожата и очите и се наоѓа во хромозомот шест. Малку е веројатно дека IRF4 е единствениот ген кој влијае врз процесот на растење на побелена коса, но на научниците им ја дава можноста за нови истражувања.

„Откривме алела (варијанта на ген која често го одредува настанувањето на различните наследни карактеристики), која е предиспозиција за појава на побелената коса“, појаснува за AFP др. Костуб Адикари, кој го спровел истражувањето со колегите од Јуниверзити колеџ од Лондон.

„Од претходно знаевме на кој начин некои гени влијаат врз процесот на губењето на косата и на бојата на косата, но првпат идентификуваме ген кој е одговорен за настанувањето на побелените влакна. Алелата одговорна за побелената коса е забележана првенствено кај Европејците. Просечната средна животна возраст за појавата на побелените влакна кај белците е околу 35-та година од животот, кај Азијатите околу 40-та, а кај потомците од црната раса околу 45-та“, вели др Адикари.

Генот IRF4, претходно им беше познат на научниците бидејќи учествува во производството и таложењето на меланинот, пигментот кој настанува со ензимска оксидација на тирозинот. Меланинот се создава во меланоцитите во кожата, очите и косата, поради што влијае врз нивната боја. Неговиот недостиг во кожата резултира со појава на албинизам.

Бојата на косата настанува во меланоцитите сместени во фоликулата или во коренот на косата. Со годините, меланоцитите престануваат да произведуваат пигмент и косата ја губи природната боја и побелува.

„Сознанието за тоа на кој начин IRF4 влијае врз појавата на белата коса би можело да го измени овој природен процес, бидејќи ќе ја разгледаме можноста за манипулација со тој ген за да го забавиме процесот“, појаснува Адикари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП