Кошаркарите на ЛА Клиперс славеа во дербито против Сан Антонио (105:86), Вашингтон со победа над Јута ја започна мини турнејата, во која во три дена ќе одиграат исто толку натпревари, а Леброн Џејмс го предводеше Кливленд до првата сезонска победа над Чикаго.
Крис Пол на тимот му се приклучи два часа пред мечот со Сан Антонио, но тоа не му пречеше да биде најдобар на теренот со 18 поени, 12 асистенции и пет скокови. Пол во ЛА се врати од Оклахома каде присуствуваше на погребот на сопругата на поранешниот соиграч Монти Вилијамс.
Покрај Пол, двоцифрен број на поени кај Клиперси постигнаа уште тројца играчи: Крафорд (19), Редик (17), Пирс (16).
Сан Антонио на овој меч играше без Каваи Ленард, кој има проблеми со листот на ногата. Спарси во првото полувреме постигнаа само 34 поени, најмалку во досегашниот дел од сезоната.
Најефикасен кај Спарси беше Тони Паркер со 14 поени.
Леброн Џејмс беше на чекор до „трил дабл“ против Чикаго, тој натпреварот го заврши со 25 поени и по девет скокови и асистенции. Кливленд славеше со 105:96 и дури во третиот меч оваа сеозна успеа да ја забележи првата победа над Чикаго.
Покрај Џејмс, кај лидерот на Истокот се истакнаа Кевин Лав (15 поени, 15 скокови) и Тристан Томпсон (16 поени, 10 скокови).
Чикаго го предводеше Дерик Роуз со 28 поени.
Вашингтон со триумфот над Јута (103:89) успешно ја започна мини серијата, во која во три дена ќе одигра исто толку натпревари.
Марчин Гортат (22 поени, 10 скокови) и Џон Вол (17 поени, 11 асистенции) ги предводеа „волшебниците“ до победата.