Дрејмонд Грин со нов „трипл дабл“, односно Стеф Кари и Клеј Томпсон го поништија брилијантното издание на Демијан Лилард, кој со 40 поени не успеа да го спречи поразот на Портланд од Голден Стејт (108:128).
Покрај Грин, индивидуално блескаа Лу Вилијамс од ЛА Лејкерс, Расел Вестбрук од Оклахома и Крис Мидлтон од Милвоки, кој го реши победникот на мечот со Далас.
Томпсон постигна 36, а Кари 26 поени, но нивниот шутерски учинок го засени новиот „трипл дабл“, осми во сезоната, на Дрејмонд Грин (11 поени, 13 скокови, 10 асистенции), со кој Голден Стејт славеше во Портланд и ја забележа 34-та победа во 36-от меч сезонава.
На Портланд не му помогна ниту одличниот Демијан Лилард кој оствари двоен ефект од 40 поени и 10 асистенции.
ЛА Лејкерс загубија од Оклахома (113:117), иако Лу Вилијамс постигна рекордни во кариерата 44 поени. Оклахома ја предводеа Расел Вестбрук со 36 поени, 12 скокови и седум асистенции, односно Кевин Дурент со 24 поени.
Крис Мидлтон постигна 27 поени, вклучувајќи ги и последните два на мечот со Далас, кој Милвоки го доби со 96:95. Дирк Новицки кај Далас имаше 20 поени и девет скокови.
Резултати: Вашингтон-Торонто 88:97, Бруклин-Орландо 77:83, Њу Орлеанс-Индијана 86:91, Мемефис-Денвер 91:84, Минесота-Кливленд 99:125, Милвоки-Далас 96:95, Сан Антонио-Њујорк 100:99, Феникс-Мајами 95:103, Портланд-Голден Стејт 108:128, ЛА Лејкерс-Оклахома 113:117.