Седум натпревари се одиграа во НБА лигата, во ноќта помеѓу неделата и понеделникот, кои ги одбележа враќањето на Кајри Ирвинг во дресот на Кливленд. Ирвинг го одигра првиот натпревар по повредата со која се здоби во минатосезонскиот плејоф.
Кливленд без проблеми славеше во дуелот со Филалделфија (108:86). Играчите на Кливленд практично во втората четвртина го решија победникот кога постигнаа 34, а примија 13 поени.
Леброн Џејмс постигна 23 поени, а повратникот Ирвинг одигра 17 минути и постигна 12 поени.
„Тешко е кога ќе се вратите по ваква повреда, но навистина е задоволство да се игра со овие соиграчи“, рече Ирвинг, кој се повреди во првиот финален меч со Голден Стејт, во минатосезонскиот плејоф.
Кливленд е лидер на Истокот со 18 победи и седум порази, додека Филаделфија има само една победа во 29-те одиграни натпревари.
Резултати: Бруклин-Минесота 85:100, Мајами-Портланд 116:109, Кливленд-Филаделфија 108:86, Феникс-Милвоки 95:101, Орландо-Атланта 100:103. Торонто-Сакраменто 94:104, Денвер-Њу Орлеанс 125:130.