„Ова е резил“, рече тренерот на Филаделфија, Брет Браун, по катастрофалниот пораз на неговиот тим од Сан Антонио (68:119). Филаделфија има само една победа во 23 одиграни натпревари оваа сезона.
Инаку, тренерот на Сан Антонио, Грег Попович, на оваа средба ги одмори Ленард, Данкан и Џинобили, но и без нив Спарси си поигруваа со Филаделфија.
Олдриџ со 26, Марјановиќ со 18 и Симонс со 14 поени, беа најефикасни кај Спарси кои имаат скор од 18 победи и четири порази.
Индивидуално натпреварите кои се одиграа ноќта меѓу понеделникот и вторникот ги одбележа крилниот центар на Њујорк, Кристапс Прозингис, но ниту неговата одлична партија не го спречи поразот на Њујорк од Далас (97:104).
Летонецот натпреварот го заврши со 28 поени и одигра одлично против Дирк Новицки со кого го споредуваат. Германскиот ас натпреварот го заврши со 25 поени.
„Споредбата е оправдана, но тој е во предност бидејќи кога јас имав 20 години бев преплашен до смрт, а тој во просек веќе остварува ‘дабл дабл’. Подобар е од мене на тие години, комплетен играч“, рече 38-годишниот Новицки.
Резултати: Мајами-Вашингтон 103:114, Њујорк-Далас 97:104, Торонто-ЛА Лејкерс 102:93, Минесота-ЛА Клиперс 106:110, Милвоки-Портланд 90:88, Чикаго-Феникс 101:103, Њу Орлеанс-Бостон 93:111, Шарлот-Детроит 104:84, Филаделфија-Сан Антонио 68:119.