19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЉубовна поезија и концерт на Фолтин за крај на Букстар

Љубовна поезија и концерт на Фолтин за крај на Букстар

bukstar 3003

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави финалето на Фестивалот на европската литература „BookStar“.

Во вторник, со почеток во 20 часот, во клуб-ресторанот MКЦ ќе биде промовирана книгата „Дај две, љубовни!“, антологија на европската љубовна поезија, со што ќе се затвори и првото издание на овој Фестивал.

„Дај две, љубовни!“ е антологиско издание на најубавите љубовни песни на авторите од Европа, кое тимот од издавачката куќа „Антолог“ го приреди специјално за фестивалот. Книгата ќе ја промовира универзитетската професорка и книжевна теоретичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор на целиот настан ќе биде радиоводителката Елена Стојановска. Со поетско читање ќе настапат и петнаесетина македонски поети и преведувачи, кои ќе читаат стихови од песните поместени во антологијата и од своето творештво, меѓу кои и: Велко Неделковски, Ленче Милошевска, Никола Маџиров, Сузана В. Спасовска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Ацо Гогов, Сузи Тенева, Владимир Јанковски, Лидија Танушевска, Милица Миркуловска, Радица Никодиновска, Борис Митковски, Елена Пренџова, Биљана Стојановска, Елена Конеска, Исток Улчар, Зоран Радически.

„Со цел да ги претставиме авторите што објавиле свои дела во ’Антолог‘ пред пошироката јавност на необичен начин, ги поканивме нашите соработници – поети, раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи, да одберат по две омилени песни од кој било писател од Европа. Темата беше најблагородната, љубовта. Поканата ја прифатија и македонските и странски автори, така што како приредувачи на оваа несекојдневна збирка се најдоа над четириесет значајни и почитувани имиња од домашната и од европската книжевна сцена“, велат од „Антолог“.

За крај на промоцијата, но и на целиот фестивал, како подарок од „Антолог“ за читателите и за соработниците е предвиден целовечерен концерт на групата „Фолтин“, кој ќе почне во 21.30 часот.

Фестивалот „Букстар“, кој траеше во текот на октомври, е поддржан од програмата „Културни приказни“ и од Европската Унија. Логистичката поддршка е на МКЦ. Антологијата „Дај две, љубовни!“ е отпечатена во печатницата Графо ден од Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП