Се погласни се приказните дека Жозе Мурињо на крајот од сезоната ќе го напушти Реал Мадрид. Според медиумите се наведува дека португалскиот тренер со претседателот на „кралевите“, Флорентино Перез ќе се сретне до крајот на овој месец.
Се шпекулира дека Реал на Португалецот ќе му понуди 10 милиони фунти за раскинување на договорот. Каде Мурињо ќе ја продолжи кариерата не е познато, но како можни кандидати се споменуваат Челзи, ПСЖ, Интер и двата Манчестери. Искусниот стратег неколкупати изјавуваше дека најубавите денови ги поминал на Островот и дека еден ден повторно ќе се врати.
Да потсетиме дека неодамна шпанските медиуми известија дека Мурињо и Перез во јануари тајно потпишале договор според кој работата на Португалецот завршува по финалето на Кралскиот куп или евентуалното финале во Лигата на шампионите.