2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЗапочна изградбата на катната гаража „Мал ринг“

Започна изградбата на катната гаража „Мал ринг“

katna-garaza

Центарот на Скопје за две години треба да добие уште 170 нови паркинг места со изградбата на катната гаража „Мал ринг“ во непоседна близина на Музејот на холокаустот.

Камен темелникот на гаражата е поставен денеска, а во нејзината изградба, Акционерското друштво за  изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на државата, ќе инвестира 273.191.013 денари. Новиот објект ќе опфаќа вкупна површина од 10.037 метри квадратни.

„Мал ринг“ е последната катна гаража што почна да се гради од седумте такви објекти, што пред две години заеднички ги најавија Владата, Градот Скопје и Општина Центар, за средување на хаосот со недостиг од паркинг-места во центарот на главниот град.

– За две години ја почнуваме последната од седумте планирани катни гаражи. Шест од катните гаражи веќе се градат. Една е пред пуштање, уште една ќе биде завршена целосно за два до три месеци и се надевам дека до крајот на годината ќе бидат готови уште една до две катни гаражи. Со задоволство можам да кажам дека проектот е успешен, и иако не се завршени, за сите е обезбедена финансиска конструкција, склучени се сите договори и градбата тече без некои сериозни проблеми, истакна на свеченоста за поставување на камен темелникот премиерот Никола Груевски.

Тој нагласи дека локацијата на новата катна гаража ќе ја оправда инвестицијата, бидејќи, како што рече, е во близна на главниот плоштад на Скопје, на плоштадот „Карпошово востание“ што се гради, на многу ресторани, на Градскиот трговски центар, на театарот што наскоро ќе биде  пуштен во употреба, на музеите, на многу државни институции и многу знаменитости вклучувајќи ја и старата скопска чаршија.

Според премиерот, не случајно е предвидено катните гаражи да имаат и комерцијален дел за да бидат одржливи и исплатливи.

– Со изградбата до 15 проценти деловен простор во нив, ќе има доволно финансии да се покријат трошоците за инвестирање. На тој начин и проектите за изградба на катните гаражи беа прифатливи за банките, посочи Груевски.

Покрај функцијата за паркирање, новиот објект има и  мултифункционален деловен простор сместен во периферните делови, во  краците на приземјето и на двата ката. Паркирањето е сместено во кружно јадро и  се простира од кота – 3 метри  па се до кота + 20,70 метри. Објектот има едно подземно  ниво до кое се стигнува преку новопланираната улица во таа област. Паркирањето во оваа гаража, според проектот,  поради големината и типот на урбанистичката  маркица,  за разлика од останатите катни гаражи кои се градат, е решено во кружно јадро и е спирално, што на  објектот му дава специфичен облик.

Изведувач на градежните работи е фирмата „Ламоне Мореда“, а проектант „ГМС Преоекст“ Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП