Да се храниш здраво во Македонија станува сè поголем финансиски предизвик. Овошје, зеленчук, месо, риба, млечни производи, јаткасти плодови… Списокот на намирници што треба да се најдат на трпезата е долг, но за многу семејства парите се куси. Наместо да избираат што е најдобро за нивното здравје, граѓаните сè почесто гледаат што е поевтино и од што ќе можат да подготват ручек за целото семејство.
Посебен проблем имаат домаќинствата со ниски примања, пензионерите и семејствата со повеќе деца. Кога од месечниот буџет ќе се одвојат пари за сметки, кредити, лекови и останатите трошоци, за храна останува онолку колку што останува. Тука веќе нема многу простор за избирање.
Економистите посочуваат дека поскапувањето на прехранбените производи особено ги погодува граѓаните со помали приходи, бидејќи тие трошат поголем дел од своите пари за основните животни потреби.
Најголемата разлика се чувствува при секојдневното пазарување. Да се купи килограм сезонско овошје можеби не изгледа како голем трошок, но кога на списокот ќе се додадат зеленчук, јајца, сирење, месо и останатите производи, сметката брзо расте.
Затоа и не е реткост купувачите да ги разгледуваат цените на неколку тезги пред да одлучат што ќе стават во кесата. Се бараат акции, се купуваат помали количества, а поскапите производи се оставаат за следната недела.
Според економските анализи на Светската банка, достапноста на здравата исхрана не зависи само од цената на производите, туку и од приходите што им остануваат на домаќинствата по покривањето на основните трошоци.
„Здравата исхрана честопати е недостапна за луѓето со ниски приходи“, се наведува во анализата на Светската банка за цените на храната и исхраната.
Нутриционистичките препораки, пак, се јасни. Исхраната треба да биде разновидна, со доволно зеленчук, овошје, мешунки, интегрални житарки и соодветни извори на протеини. Но, едно е што се препорачува, а сосема друго што може да се купи.
Иако здравата исхрана не мора да подразбира скапи увозни производи, органска храна или егзотично овошје, редовното обезбедување разновидни намирници сепак претставува значителен трошок.
Гравот, леќата, зелката, морковите, овесот и сезонските производи можат да бидат поевтина алтернатива. Сепак, и нивните цени се менуваат, а семејствата што едвај го покриваат месецот не можат секогаш да си дозволат разновидно мени.
Дополнителен проблем е што поевтината храна често е и попрактична. Тестенини, бел леб, печива и други производи што брзо заситуваат неретко се првиот избор кога треба да се нахранат повеќе членови на семејството со ограничена сума пари.
Светската здравствена организација предупредува дека врз начинот на исхрана директно влијаат приходите, цените на храната и нејзината достапност. Затоа, препораките за правилна исхрана не можат да се разгледуваат одвоено од економските услови во кои живее населението.
Податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации покажуваат дека проблемот е присутен и на глобално ниво.
„Речиси три милијарди луѓе сè уште не можат да си ја дозволат исхраната што им е потребна“, се наведува во анализата на организацијата за трошоците на здравата исхрана.
Економски гледано, решението не е само во поевтинувањето на одредени производи. Потребни се и повисоки реални приходи, поефикасно домашно производство и помали трошоци при транспортот и дистрибуцијата на храната.
Во меѓувреме, пазарењето за голем дел од македонските домаќинства останува секојдневна пресметка. Колку чини месото, кое овошје е на акција, дали да се купи сирење или да се остави за другпат…
А кога ќе дојде време за плаќање, одлуката најчесто ја носи паричникот.
Б.З.М.