Астрономите ја открија првата зелена ѕвезда во историјата, а нова студија покажува дека астрономските тела всушност можат да постојат во широк спектар на различни бои.
Бојата на повеќето ѕвезди е одредена од нивната температура, па затоа тие обично се портокалови кога се постудени, а најжешките се бледо сини, објави британскиот портал „Индипендент“.
Истражувачите претходно мислеа дека белите џуџиња, остатоци од ѕвезди што остануваат откако ќе го потрошат своето нуклеарно гориво и ќе ги завршат своите животни циклуси, функционираат на ист начин.
Новото истражување сугерира дека, и покрај нивното име, белите џуџиња всушност можат да имаат широк спектар на бои.
„Ако можевме да им се приближиме, тие би биле розови, сино-зелени, жолти, виолетови, па дури и зелени“, наведуваат авторите на студијата.
Марк Холандс од Универзитетот во Ворвик, кој го водеше истражувањето, тврди дека повеќето ѕвезди, вклучувајќи ги и повеќето бели џуџиња, се однесуваат како „совршени радијатори“, па затоа нивната боја е речиси целосно одредена од температурата.
„Се покажа дека овие неверојатно густи ѕвезди можат да создадат бои што никој не ги очекувал, а некои од нив навистина ме изненадија“, рече Холандс.
Истражувањата покажаа дека бојата е одредена од материјалот во атмосферата на ѕвездата, што ги става во различни групи.
Оние со многу јаглерод ќе изгледаат розови или виолетови, додека оние опкружени со остатоци од стари планетарни системи ќе изгледаат жолти, а постудените ѕвезди со атмосфери на водород и хелиум ќе изгледаат сини.
Најголемото изненадување било белото џуџе чија температура е околу 4.000 степени Целзиусови.
Овие астрономски тела вшмукуваат карпест материјал што содржи калциум, литиум и натриум, предизвикувајќи ѕвездите да светат во шартрез зелена боја, именувана по познатиот ликер.
Повеќето бели џуџиња во наша близина се сè уште бели.
Од 151 примерок вклучени во студијата, лоцирани на околу 65 светлосни години од Земјата, пет беа необично обоени, при што два беа жолти, а три розови.