МАКЕДОНИЈА

Не е проблем ајварот, туку ќумбето: За опасен оган казна до 1.000 евра

Мирисот на печени пиперки во октомври за многумина е мирис на есен, зимница и полни тегли во шпајз. Но во станбена зграда истиот тој мирис многу лесно може да заврши со затворени прозорци, расправија меѓу соседи, повик до управителот, па и со казна ако печењето се претвори во опасност.

Сезоната на ајварот повторно го отвора старото прашање: смее ли на тераса од стан да се постави ќумбе, да се запалат дрва и да се печат пиперки?

Во македонските прописи нема одредба што директно вели дека е забрането правење ајвар на тераса. Со други зборови, ајварот сам по себе не е прекршок. Проблемот е начинот на кој се користи огнот.

Законот за заштита и спасување предвидува дека граѓаните при употреба на уреди, средства и отворен оган мора да постапуваат така што нема да ја загрозат околината и нема да предизвикаат пожар или експлозија. За прекршување на оваа обврска е предвидена глоба од 1.000 евра во денарска противвредност.

Практично, тоа значи дека никој нема да биде казнет затоа што решил да направи ајвар. Но ако на балкон се запали ќумбе на дрва, пламенот е блиску до фасадата, тенда, прозорец, клима-уред или друг запалив материјал, тогаш ситуацијата веќе е сосема поинаква.

„Не е спорно што се подготвува, туку дали начинот на кој се користи огнот создава опасност за другите станари и за самиот објект“, објаснуваат познавачи на прописите за противпожарна заштита.

Во станбена зграда дополнителен проблем е и чадот.

Едно е да се печат пиперки во двор, каде чадот се растура на отворено, а сосема друго е истото да се прави на трети, петти или седми кат, каде прозорците на соседите се на неколку метри од изворот на чадот.

Тогаш почнува старата соседска приказна.

„Уште една тура имаме“. „Три часа не можеме да отвориме прозорец“.

И така, од ајвар до расправија ве делат само неколку килограми пиперки.

Правилата за домување дополнително предвидуваат дека во заедничките делови на зградата не смеат да се оставаат предмети и материјали што можат да предизвикаат пожар, незгода или несреќа. Запаливите материјали мора да бидат соодветно обезбедени. Тоа особено се однесува на ходници, влезови, подруми, скали и други простори што ги користат сите станари.

Затоа уште поризично е ако импровизираното „ајварско производство“ се пресели од терасата пред влезот на зградата, во гаража или во заеднички двор каде се оставаат дрва, плински боци и друга опрема.

Терасите и балконите што припаѓаат на станот се дел од самиот стан, па не може да се каже дека секое печење пиперки на приватна тераса автоматски претставува прекршок. Сепак, и таму останува обврската да не се создава опасност за соседите или објектот.

Разлика има и во тоа како се печат пиперките.

Електрична плотна, електрична печка и ќумбе со отворен пламен не носат ист ризик. Кај дрвата и отворениот оган опасноста е далеку поголема, особено ако терасата е затворена, има тенда, пластична столарија или други запаливи предмети.

Познавачите велат дека токму тука граѓаните најчесто грешат.

„Луѓето размислуваат: моја тераса е, можам што сакам. Но пожарот не знае каде завршува еден стан, а каде почнува другиот“, велат тие.

Во целата приказна улога има и куќниот ред. Станарите можат да имаат дополнителни правила за користење на заедничките простории, одржување на хигиената и однесување што им пречи на останатите жители во зградата.

Па така, домашниот ајвар не е забранет, ниту некој ќе ви ги брои теглите.

Но ако есенската традиција се претвори во чадник за цела зграда или во ризик од пожар, тогаш приказната веќе не завршува кај шпоретот и дрвената лажица.

Може да заврши и со пријава. А во најлош случај, и со глоба од 1.000 евра.

Б.З.М.