Минијатурни органи за првпат се испратени во вселената за да им помогнат на научниците да разберат како вселенските летови влијаат врз одредени органи и дали можат да го забрзаат процесот на стареење.
Тие ќе пристигнат на Меѓународната вселенска станица (ISS) во рамките на мисијата за снабдување „CRS-35“.
Во заеднички истражувачки проект на научници од болницата „Mount Sinai“, НАСА и воздухопловно-вселенската компанија „Space Tango“, минијатурните органи ќе бидат изложени на зголемено зрачење и микрогравитација – услови со кои се соочуваат астронаутите во вселената, особено за време на долготрајните мисии.
Астронаутите во вселената стареат побрзо бидејќи микрогравитацијата и изложеноста на зрачење негативно влијаат врз бројни телесни системи. Се проценува дека шест месеци поминати во вселената имаат приближно ист ефект како 10 до 20 години стареење на Земјата.
На Меѓународната вселенска станица се испратени до 16 минијатурни срца, со цел научниците да ја испитаат нивната реакција на електрични сигнали и да следат како реагираат во услови на речиси целосна бестежинска состојба.
Институтот за кардиоваскуларни истражувања при болницата „Mount Sinai“ во САД уште во 2023-та година испратил поединечни срцеви клетки на Меѓународната вселенска станица, при што било потврдено дека тие можат да преживеат во средина без гравитација.
Технологијата е интегрирана во минијатурна лабораторија наречена „CubeLab“, развиена од компанијата „Space Tango“, која го имитира природното опкружување во човечкото тело. Станува збор за целосно автоматизиран и минијатуризиран систем, само малку поголем од кутија за чевли.
Во вселената се испратени и минијатурни мозоци, наречени „miBrain“, со големина приближна на зрно бибер. Тие претставуваат модели на здрави и заболени мозоци.
Средината со микрогравитација им овозможува на истражувачите и единствен увид во промените што се случуваат кај луѓето кои водат седентарен начин на живот или подолго време се врзани за кревет – состојби што е тешко да се симулираат на Земјата.
Ова истражување може да помогне и во проучувањето на Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.