МАКЕДОНИЈА

Кој има време да пече пиперки – многу семејства си купуваат ајвар од маркет и мирна глава

Некогаш без триесетина тегли домашен ајвар не можеше да се замисли зимата во македонските домаќинства. Се купуваа вреќи пиперки, се вадеа големите тенџериња, се палеа ќумбињата и по два-три дена се печеше, лупеше и пржеше.

Денес сликата полека се менува. Сѐ повеќе семејства се одлучуваат да го прескокнат целиот тој процес и да купат готов ајвар од маркет, од локални производители или од луѓе кои подготвуваат домашна зимница за продажба.

Причината не е само во парите. Недостигот од време, работните обврски и животот во станови придонесуваат многумина да се откажат од традиционалното правење зимница.

А кога ќе се направи пресметката, излегува дека домашниот ајвар и не е толку евтин како што некогаш се мислеше.

На скопскиот Кванташки пазар, кон крајот на октомври, килограм ајварка достигна цена од 60 до 65 денари, додека две недели претходно се продаваше за 30 до 40 денари. Тоа значи дека само за 30 килограми пиперки, колку што приближно се потребни за десетина поголеми тегли, треба да се издвојат меѓу 1.800 и 1.950 денари.

Потребни се масло, сол, модри патлиџани за оние што ги додаваат, тегли, капаци, дрва или струја. Кога ќе се собере сѐ, домашниот ајвар може да чини неколку илјади денари, зависно од количината и рецептот.

Во маркетите, пак, готовиот ајвар се продава по различни цени. Може да се најдат тегли за околу 180 до 200 денари, додека поквалитетните и поскапите производи достигнуваат 350 денари, па и повеќе.

Токму затоа купувачите сѐ почесто ги следат акциите. Наместо одеднаш да издвојат неколку илјади денари за подготовка на зимница, купуваат по две-три тегли, а кога ќе ги потрошат, повторно одат во продавница.

Економската пресметка покажува дека ваквиот начин на купување овозможува трошокот да се распореди во повеќе месеци. Сепак, тоа не значи дека купечкиот ајвар секогаш е поевтин. Многу зависи од грамажата, квалитетот, цената на пиперките и количината што семејството ја троши во текот на зимата.

Разликата е особено забележлива кај помладите семејства, каде што двајцата родители работат и тешко можат да одвојат цел викенд за подготовка на зимница. Дополнителен проблем е просторот. Во стан од педесетина квадрати нема каде да се печат десетици килограми пиперки, а уште потешко е да се организира нивното лупење и пржење.

Од друга страна, домашниот ајвар и понатаму има свои верни приврзаници.

За семејствата што имаат сопствени пиперки или ги набавуваат директно од производители по пониска цена, домашната подготовка сѐ уште може да биде поисплатлива. Особено ако располагаат со сопствени тегли, дрва и простор за работа.

Познавачите на прехранбениот пазар посочуваат и на една важна разлика меѓу домашниот и индустриски произведениот ајвар. Производителите набавуваат суровини во големи количини, користат опрема за преработка и имаат поинакви производствени трошоци. Затоа директната споредба на цената на една домашна и една купена тегла не е секогаш едноставна.

„Домашниот ајвар не е секогаш поевтин од купечкиот“, се наведува во една од економските анализи за исплатливоста на зимницата објавени оваа есен.

Посебна приказна се малите производители на домашна зимница. Нивните производи се барани од купувачи кои сакаат традиционален вкус, но немаат услови сами да подготвуваат ајвар.

Кај нив цената најчесто е повисока од евтините индустриски производи, но купувачите плаќаат за начинот на подготовка и состојките.

И додека во некои дворови сѐ уште се печат последните есенски пиперки, во други домаќинства зимницата веќе е обезбедена. Неколку тегли во кујнскиот шкаф, уште неколку купени на акција и толку.

Кога ќе се потрошат, маркетот е блиску.

Б.З.М.