6 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОКаталонска доминација во „Ел Класико“, Барса го декласира Реал

Каталонска доминација во „Ел Класико“, Барса го декласира Реал

el

Барселона го декласираше Реал во 263-то „Ел Класико“, кое во саботата се одигра во рамките на 12. коло во Примера. На „Сантијаго Брнабеу“, Барселона славеше со 4:0 и на табелата сега има шест бодови повеќе од Реал. Луис Суарез постигна два гола, а по еден постигнаа Нејмар и Иниеста. Барселона сега во меѓусебните дуели, во сите натпреварувања, има 109 победи, а Реал остана на 96.

Реал, пред своите навивачи, играше добро само во првите десет минути, иако во тој период Нејмар ја имаше првата шанса на мечот. Бразилецот, во седмата минута, од добра позиција упати удар над голот.

Роналдо  во деветтата минута успеа да се пробие по десната страна но неговиот центаршут не погоди ниту еден од неговите соиграчи.

Барса својата доминација на „Сантијаго Бернабеу“ ја започна во 11. минута: Одлична акција креираа Иниеста и Ракитиќ, топката стигна до Серхио Роберто кој идеално го проигра Луис Суарез, а Уругваецот мајсторски со „надворешна“ го совлада Кејлор Навас.

Барселона во 27. минута остана без Маскерано, кој поради повреда го напушти теренот, а на негово место влезе Матје.

Каталонците ја дуплираа предноста во 39. минута, Иниеста мајсторски го проигра Нејмар, кој беше во мал офсајд, а потоа го совлада Навас.

Во самиот финиш на полувремето Нејмар проби по левата страна, идеално го послужи Луис Суарез, а неговиот удар од гол линијата во поле го исфрли Варан. Во истата акција топката дојде до Ракитиќ но неговиот удар заврши крај голот.

За изданиет во првиот дел играчите на Реал беа испратени со свирежи во соблекувалната.

Второто полувреме стартуваше со голема шанса за Реал, во 47. минута. Марсело сé направи сам, убаво проби по левата страна, но ударот заврши само во надворешниот дел од мрежата.

Две минути подоцна се истaкна голамнот на Барселона, Клаудио Браво. Хамес Родригез од работ на шеснаесетникот биеше од волеј, а Браво со крајни напори ја исфрли топката во корнер.

Добриот старт на Реал воопшто не ја поремети играта на Барселона, напротив, во 54. минута ја одиграа најдобрата акција на мечот. Иниеста и Нејмар двојно проиграа, Бразилецот со петица му ја остави топката на Иниеста кој од 14 метри го погоди левиот горен агол од голот на Навас.

Во 57. минута на теренот влезе и Лионел Меси, кој го одигра првиот меч од 26. септември кога го повреди коленото.

Осум минути по влегувањето во игра, Меси ја имаше првата шанса, Нејмар одлично му ја остави топката, но ударот на Аргентинецот беше изблокиран.

Првата од двете шанси на мечот, најдобриот играч на Реал, Кристијано Роналдо, ја имаше во 68. минута. Центаршутот на Бејл од десната страна го спои Португалецот со голот, но неговиот удар од седум метри го одбрани Браво.

Барселона во 75. минута постигна уште еден гол и одново со серија на добри додавања Каталонците ја исфрлија одбраната на Реал од игра, Серхио Роберто му асистираше на Луис Суарез, кој излезе сам пред Навас и рутински го совлада.

До крајот на мечот најпрвин Иско доби црвен картон поради фаулот врз Нејмар, потоа  Кристијано Роналдо со глава не успеа да го совлада Браво, а потоа на споритвната страна Мунир од изгледна позиција биеше крај голот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП