Кадетен Шафхаузен го совлада Металург со 27:17 (10:10), во рамките на осмото коло во Д групата во Лигата на шампионите.
Тимот на Лино Червар го одигра најлошиот меч во досегашниот тек од шампионската лига што му го донесе шестиот пораз.
Металург во Швајцарија одигра добро само во првата половина од првото полувреме, кога најмногу благодарение на голманот Дупјачанец имаше предност од 4:8.
Преостанатите 45 минути од натпреварот во играта на Металург беа проткаени со серија на технички грешки, безидејност во нападот и катастрофалната реализација кога имаа играч повеќе на теренот. Покрај тоа играчите на Шафхаузен одиграа одлична одбрана врз Божовиќ на кого не му оставија ниту малку простор за игра.
Металург, во првото полувреме, имаше еден црн период во играта кога при водство од 4:8 во 16.минута, до крајот на полувремето постигнаа само два гола и му дозволија на домаќинот да фати приклучок.
Сепак бродот на Металург целосно потона во второто полувреме, односно при резултат 13:14 во 36.минута, до крајот на натпреварот момците од Автокоманда постигнаа само три гола, поради што и загубија убедливо со 27:17.
Божовиќ со четири и Шпилер со три гола беа најефикасни кај Металург, во чии редови најдобар играч беше голамнот Дупјачанец со 11 одбрани, од кои девет беа во првото полувреме.
Шафхаузен до четвртата победа во ЛШ го предводеа Линегер со девет, односно Бранбергер и Марос со по пет гола.
Металург во наредното коло ќе игра против Скјер на 29.ноември.