15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонските пруги се безбедни со новите возови

Македонските пруги се безбедни со новите возови

nov-voz

Возовите може да возат до 120 километри на час на железничкиот Коридор 10, додека на останатите пруги, кон Битола, Куманово и Кичево брзината на движење е помала, до 100 километри на час.

Како што појасни директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Ирфан Асани, домашните пруги се безбедни, затоа што на одредени делници каде што постоеја поголеми оштетувања направена е реконструкција.

„Рехабилитирани се 55 километри пруга на Коридорот 10, во која немаше вложувања повеќе децении. Истовремено се реконструирани и 30 црни точки на двата коридора, со што максимално е зголемена сигурноста при патување со воз“, вели Асани.

Новите возови, од кои еден веќе пристигна, а вториот се очекува да дојде до крајот на годината, ќе можат со максималната брзина да возат по целата траса на Коридорот 10 и тоа да биде безбедно патување. Другите пруги, најави Асани, ќе бидат реконструирани и поради тоа максималната брзина на возење е пониска.

„Во моментов имаме прекин на линијата кон Битола, токму поради безбедносни ризици. Работиме на минирање карпа кај Богомила, која е отцепена од лежиштето и виси над пругата. Проблемот ќе биде решен деновиве и очекуваме кон крајот на неделата пругата да биде повторно во употреба“, вели Асани.

Македонија од кинеската ЦСР набави шест воза, од кои два се електромоторни и четири на дизел-погон, а инвестицијата за набавката изнесува 25 милиони евра. Електромоторните возови ќе сообраќаат само по Коридорот 10, бидејќи пругата е електрифицирана, додека пак, возовите на дизел-погон ќе можат да возат по двата коридори.

„Очекуваме до крајот на идната година да бидат завршени уште два главни и изведбени проекти за изградба на железниците од Кичево кон Албанија и од Битола кон границата со Грција, по што ќе се направат напори да се обезбедат средства за изградба“, нагласи Асани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП