Германецот Нико Розберг победи на претпоследната сезонска трка во Формула 1, Големата награда на Бразил. Розберг на патеката „Интерлагос“ ја забележа петтата победа оваа сезона, вкупно 13-та во кариерата.
Розберг во Бразил забележа сигурна победа, тој трката ја стратуваше од пол позицијата, а ниту еден од возачите не успеа да ја оспори неговата победа. Второто место го освои Луис Хамилтон, кој имаше за осум секунди послабо време од тимскиот колега. Третото место му припадна на Себастијан Фетел од Ферари.
Инаку, покрај Хамилтон и Фетел уште само Кими Раиконен ја заврши трката во ист круг со победникот. Од петтото до десеттото место се пласираа Валтери Ботас (Вилијамс), Нико Хилкенберг (Форс Индија), Данил Квјат (Ред Бул), Фелипе Маса (Вилијамс), Роман Грожан (Лотус) и Макс Ферстапен (Торо Росо).
Сезоната во Формула 1 ќе заврши со трката за Големата награда на Абу Даби, која на 29.ноември ќе се вози на патеката „Јас Марина“.