22 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОТри гола на Трајковски, Македонија ја декласира Црна Гора

Три гола на Трајковски, Македонија ја декласира Црна Гора

mak-rep

Игор Ангеловски со победа дебитираше на клупата на фудбалската репрезентација на Македонија. ‘Црвено-жолтите’ во четвртокот во пријателски натпревар славеа над Црна Гора со 4:1. Играчот на Палермо, Александар Трајковски постигна ‘хет-трик’, а Црна Гора го доживеа еден од најубедливите порази во својата историја.

Македонија против Црна Гора ја забележа првата победа по пауза од една година. Лани во октомври Македонија во квалификациите славеше над Луксембург.

Пред рекордно мал број на гледачи, кога е во прашање натпревар на репрезентацијата, македонските репрезентативци одиграа добар натпревар, ги искористија своите шанси и заслужено славеа.

Црногорците нешто подобро влегоа во натпреварот, Беќирај упати опасен удар во седмата минута, кој со краен напор го одбрани Димитриевски.

Добриот период на Македонија го најави Ибраими, кој во 14. минута од 30-ина метри го тестираше искусниот Полексиќ.

По половина час игра првата закана ја имаше најдобриот црногорски фудбалер Јоветиќ, но Димитриевски не дозволи да биде изненаден.

Македонија го отвори резултатот во 34. минута, со голот на капитенот Шиков, на кој му претходеше ударот на Ибраими и одбраната на Полексиќ, но топката ја одби право на ногата на Шиков кој ја погоди празната мрежа.

Три минути подоцна Бољевиќ го собори Ибраими, судијата покажа на ‘белата точка’, а сигурен реализатор беше Трајковски.

Судбината на Црна Гора ја запечати Трајковски, со својот втор гол, во 41. минута, кој одличното додавање на Тричковски го спроведе во мрежата на Полексиќ.

Црна Гора се обиде во вториот дел да ја спречи катастрофата, се обиде веднаш на почетокот од вториот дел Јоветиќ, чиј удар го одбрани Димитриевски, потоа Беќирај биеше крај голот, а истиот играч по додавањето од Вучиниќ од десетина метри шутираше над голот.

Првата опасна акција на Македонија во второто полувреме не ја реализираше Несторовски во 63.минута, но само една минута подоцна Полексиќ уште еднаш капитулираше. Трајковски вешто избегна офсајд стапица и рутински го совлада црногорскиот голман.

До крајот на мечот Црногорците стигнаа до почесниот гол и тоа преку Јоветиќ кој од 20-ина метри неодбранливо го погоди долниот лев агол.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП