18 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОАнгеловски: Напаѓачки и офанзивно против Црна Гора

Ангеловски: Напаѓачки и офанзивно против Црна Гора

pres ffm 33

Фудбалската репрезентација на Македонија вo четврток ќе го одигра контролниот натпревар против Црна Гора. На оваа средба на селекторската функција во националниот тим ќе дебитира Игор Ангеловски.

„Играме против една квалитетна репрезентација која во Скопје доаѓа во најсилниот состав. Ги почитуваме, но ќе бидеме фокусирани на нашата игра која ќе биде офанзивна и со цел да постигнеме гол повеќе од противникот. Сакам кај моите играчи да наметнат еден нов стил на игра кој ќе биде многу поофанзивен и похрабар. Верувам дека оваа репрезентација на Македонија е составена од квалитетни играчи кои треба да се ослободат од притисокот од минатите квалификации и да го покажат своето вистинско лице. Секој позитивен резултат кој ќе биде остварен, без разлика дали станува збор за пријателски меч, ќе биде од големо значење за подигнување на самодовербата кај играчите. Само со верба во себе и пожртвуваност можеме да се радуваме на победи“, изјави на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот селекторот Ангеловски.

Од друга страна, капитенот Ванче Шиков се надева дека дуелот со Црна Гора ќе биде почеток на една победничка серија на македонската репрезентација, која целосно разочара во неодамна завршениот квалификациски циклус за пласман на ЕП.

„Морам да нагласам дека на овој собир се чувствува подобра атмосфера од претходните. Се чувствуваат и позитивни промени со новиот селектор. Најмногу ме радува фактот што со новиот селектор ќе играме поофанзивен и поатрактивен фудбал. Сакам да го поздравам и враќањето на нашиот најдобар фудбалер и капитен Горан Пандев кој многу ни недостасуваше на минатите квалификации. Се надевам дека со него ќе завртиме нова страница и ќе започнеме еден нов победнички циклус“, рече Шиков.

„Ме радуваа фактот што ќе играме офанзивен фудбал. Напаѓачкиот стил на игра треба да ни донесе позитивни резултати. Најголемиот товар ќе биде на нас напаѓачите, бидејќи се очекува да постигнеме повеќе голови со кои ќе дојдат и победите“, рече напаѓачот на полска Легија, Иван Тричковски.

Натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора ќе се одигра на „Филип Втори“ со почеток во 18 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП