18 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОАгресивна зона рецепт за победа над Мотор Запорожје

Агресивна зона рецепт за победа над Мотор Запорожје

motor metalurg

Ракометарите на Металург во четврток ќе го одиграат натпреварот од седмото коло во Д групата во Лигата на шампионите, против Мотор Запорожје. По шест кола Мотор заедно со Скјерн и Баја Маре се наоѓа на делба на првата позиција во групата, додека Металург е претпоследен со две победи и четири порази. Првата пресметка на двата тима на 19-ти септември, заврши со победа на украинскиот шампион (30:24).

Мотор е квалитетен тим, еден од ретките кој константно игра брз центар, со искусни ракометари, поради тоа е фаворит, но Металург во претходните шест средби покажа дека може да игра со поискусни екипи, што е причина за умерен оптимизам во пресрет на мечот.

„Јас верувам во оваа наша млада екипа и ветувам дека ќе се бориме, ќе се обидеме да победиме. Се надевам дека ќе успееме да ја задоволиме публиката. Многу луѓе го препознаа нашиот проект, времето работи за нас. Можам да кажам дека на пролет, кога домашното првенство ќе влезе во завршната фаза, дека Металург нема да биде статист, туку ќе биде тим на кој сериозно ќе се гледа“, рече на прес-конференцијата тренерот на Металург, Лино Червар.

Надворешната линија и пикерот Шавељев се движечката сила на Мотор, високата бековска линија на противникот Металург ќе се обиде да ја сопре со една длабока одбрамбена формација.

„Ќе мора да играме агресивно во одбраната, ќе мора да ги нападнеме, поради тоа ќе мора да одиграме длабока зона, тоа го подготвувам последната недела. Исто така, тие се екипа која константно игра брз центар, не менуваат играчи туку сите по примен гол веднаш одат напред. Стилот кој го негува Мотор не ни одговара, но мислам дека со борбена игра, ќе успеме да ги надоместиме некои наши објективни слабости“, додаде хрватскиот стратег на клупата на Металург.

На натпреварот со Мотор ќе дебитира и најновото засилување на Металург, Словенецот Давид Шпилер, кој со своето искуство треба да му донесе на тимот стабилност во нападот и да ги разигра соиграчите.

„Тој е класичен плејмејкер, тој е играч кој е продолжена рака на тренерот. Шпилер е искусен играч кој знае што сака. Мене ми е важно тој да се вклопи во нашиот стил на игра, сега имаме млади играчи и играме побрзо во нападот и поагресивно во одбраната“, рече Червар.

Натпреварот меѓу Металург и Мотор Запорожје, в четврток ќе започне во 17:45 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП