9 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМото ГП: Кулминација на возбудливата сезона, Роси или Лоренцо

Мото ГП: Кулминација на возбудливата сезона, Роси или Лоренцо

rosi lorenco 004

Оваа сезона е една од највозбудливите и најнеизвесните во 67-годишната историја на Светското првенство во мотоциклизам, а случувањата од претпоследната трка во Малезија, борбата за титулата ја доведоа до „точка на вриење“.

Имено, Роси на патеката „Сепанг“ водеше жестоки дуели со Марк Маркез, при еден таков Италијанецот го исфрли Шпанецот од патеката. Роси заврши како трет во Малезија, зад победникот Педроса и колегата од Јамаха Лоренцо, но по трката доби три казнени поени, што значи дека деветкратниот шампион во конечната битка за титулата ќе стартува од последното место.

Оваа одлука ги разгоре страстите во мото спортот, ги подели стручњаците и навивачите, а дури во еден момент Роси се закани дека во знак на протест ќе ја бојкотира последната трка.

По Малезија, а во пресрет на трката во Валенсија, Роси има 312 бодови, седум повеќе од тимскиот колега Лоренцо. Ова е најмалата разлика со која првиот и вториот во генералниот пласман влегле во последната трка во сезоната уште од 1992-ра година.

Исто така во 67-годишата историја на овој спорт, 16 пати во последната трка бил решен шампионот, два пати тоа се случило во Валенсија. Патеката „Рикардо Тормо“ е последна во календарот од 2002-ра година, а на неа шампионската трка била решавана во 2006-та и 2013-та година. Интересно, на оваа патека Роси во 2006-та година ја загуби титулата од Ники Хејден, а во 2013-та година Марк Маркез му ја зеде титулата на Лоренцо.

Лани, на трката победи Маркез пред Роси кој стартуваше од пол-позицијата и Дани Педроса, додека Лоренцо не стигна на целта.

Роси е присутен на трката во Валенсија од 1999-та година, кога таа влезе во календарот, тој осум пати завршувал меѓу најдобрите тројца, а има две победи (2003-та, 2004-та), исто колку што има и Лоренцо, кој и не премногу омилен кај шпанските навивачи, како на пример Педроса и во поново време Маркез.

Инаку доколку по последната трка Роси и Лоренцо имаат ист број на бодови во генерланиот пласман, што не е невозможно, шампион ќе стане Шпанецот бидејќи има две победи повеќе во сезоната (6-4).

И уште нешто за Лоренцо, ако ја освои титулата, тој ќе стане само третиот возач кој во последната трка успеал да ја надомести негативата во однос на конкурентот и да стигне до конечен триумф, претходно тоа им успеало на Вејн Рејни (1992-ра) и Ники Хајден (2006-та).

Варијанти според кои Роси може да ја освои титулата:

– Доколку Лоренцо победи, Роси мора да биде втор

– Доколку Лоренцо биде втор, Роси треба да обезбеди место на подиумот

– Доколку Лоренцо биде трет, Роси не треба да биде пласиран подолу од шестото место

– Доколку Лоренцо заврши на четвртото место, тогаш Роси не треба да биде пласиран под деветтатата позиција

– Доколку Лоренцо се пласира помеѓу петтата и деветтата позиција, тогаш Роси треба да биде најмногу шест места поназад од конкурентот

-Доколу Лоренцо заврши под деветтото место, Роси ќе биде шампион

Мото ГП викендот во Валенсија започнува в петок со првиот слободен тренинг (9:55 часот), квалификациите се в сабота, а трката е в недела од 14 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП