18 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОАнгеловски: Ги одбрав оние кои се стандардни во своите клубови

Ангеловски: Ги одбрав оние кои се стандардни во своите клубови

angelovskiananana

Новиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, во понеделникот го објави списокот на играчи на кои смета за контролните натпревари со Црна Гора и со Либан.

Новиот предводник за овие две средби повика 16 фудбалери, коишто, пред сé, ќе конкурираат за место во тимот за мечот со Црна Гора, додека за мечот со Либан селекторот има намера да повика и неколкумина од младата селекција, која на 15. ноември ќе одигра квалификациски меч со Франција.

На списокот нема никакви изненадувања, тоа се играчите кои играа во финишот на квалификацискиот циклус, кога Ангеловски му беше прв асистент на Љубинко Друловиќ.

„Се трудев фудбалерите кои се повикани да се стандардни во своите клубови, немам намера да го ширам спискот, мислам дека фудбалерите доволно ги познавам. Ова не е никаков конечен список, вратите на репрезентацијата се отворени за секој оној кој ќе биде во добра форма. Имам директен контакт со сите фудбалери и со потенцијалните репрезентативци“, рече Ангеловски.

Несакајќи да зборува за играта која ја форсирале претходните селекторори, Ангеловски најави дека ќе се обиде својот концепт и стил да го наметне во националниот тим.

„Јас имам свој стил кој го преферирам, и нормално е дека ќе барам од фудбалерите да се прилагодат на тој стил. Целта ми е да изградиме препознатлив стил на игра, преферирам офанзивен фудбал и ќе се обидам тоа да го наметнам во репрезентацијата“, рече Ангеловски.

Селекторот најави дека ќе работи и на подобрување на атмосферата во репрезентацијата и смета дека Македонија има добри фудбалери и оти заслужува повеќе од последно место во квалификациска група.

„Јас како тим не ги подразбирам само оние кои ќе излезат на теренот, мојот тим се и оние кои ќе останат на клупата и тие што не се повикани, во тимот на Македонија треба да бидат вклучени сите и новинарите и навивачите, така ќе имаме поголеми шанси да бележиме подобри резултати. Инаку, да не верував во репрезентацијата немаше да бидам тука. Верувам во квалитетот на играчите, се согласувам дека не сме репрезентација која може да им се заканува на Шпанија и Италија, но сметам и дека не сме репрезентација која треба квалификации да завршува на последното место“, истакна Ангеловски.

Македонија против Црна Гора ќе игра на 12. ноември од 18 часот, а против Либан на 17. ноември во 13 часот на „Филип Втори“ во Скопје.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП