Каталонскиот весник Sport ги шокираше навивачите на Барселона со објавата дека Лионел Меси нема да игра на дерби мечот со Реал во Мадрид, кој на програмата е на 21-ви ноември.
Меси се опоравува од повредата на лигаментите на левото колено, а истиот извор пренесува дека рехабилитацијата не оди според планираното и дека Аргентинецот нема да биде подготвен да игра во „Ел Калсико“.
„Лео веќе отпадна од комбинација за мечот со Реал на Сантијаго Бенранбу“, пишува Sport и додава дека во Барселона се внимателни за да не ја влошат повредата на својот најдобар играч.
„Мечот со Реал ништо не решава. Не е последно коло, не е натпревар на ’живот или смрт’. Тоа е само натпревар за престиж и три бода“, пишува весникот.
Реал и Барселона, по десет одиграни натпревари во Примера, ја делат првата позиција на табелата со освоени 24 бодови. До меѓусебниот дуел на 21-ви ноември, двата тима ќе одиграат уште по еден натпревар, на 8-ми ноември Барселона ќе игра против Виљареал, а Реал ќе гостува во Севилја.
Лионел Меси се повреди на 26-ти септември на натпреварот со Лас Палмас. Оваа сезона има одиграно десет натпревари на кои постигнал шест голови.