Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека на претстојните избори за претседател на организацијата ќе има седум кандидати. Изборите за наследник на Сеп Блатер ќе се одржат на 26-ти февруари наредната година.
Јорданскиот принц Али бин Ал Хусеин, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Либерија Муса Билити, поранешниот генерален секретар на ФИФА Жером Шампањ, генералсниот секретар на УЕФА Џани Инфантино, претседателот на УЕФА Мишел Платини, првиот човек на Фудбалската конфедерација на Азија шеикот Салман и јужноафриканскиот бизнисмен Токио Сексвале се кандидатите кои претендираат на претседателската функција во една од најмоќните спортски светски организации.
Во објавата на ФИФА не се споменува поранешниот капитен на репрезентацијата на Тринидад и Тобаго Дејвид Накид кој наводно исто така ја приложил својата кандидатура.
Инаку, специфична е кандидатурата на Мишел Платини, кој на 90 дена е суспендиран од Етичкиот одбор на ФИФА, поради спорниот износ од 1,8 милиони евра кои му биле исплатени од Сеп Блатер за советодавни услуги извршени во 2002-ра година, а за кој не постои никаков договор. ФИФА објави дека неговото досие нема да биде испитано до 5-ти јануари кога му истекува суспензијата.
Кандидатурите на преостанатите биле проследени до истражната комора на Етичкиот одбор, која ќе ја испитува веродостојноста на канидатурите.