Седумдесеттата сезона во НБА лигата започна во ноќта помеѓу вторникот и средата, а победи забележаа Голден Стејт Вориорс, Чикаго Булс и Детроит Пистонс.
Кошаркарите на Голден Стејт пред почетокот на натпреварот со Њу Орлеанс ги добија шампионските прстени, а Стеф Кари и Андре Игудала ги добија трофеите за најкорисен играч во регуларниот дел од сезоната, односно плејофот.
Откако ги добија наградите Вориорс предводени од инспирираниот Стеф Кари запишаа лесна победа од 111:95.
Минатосезонскиот МВП одигра блескаво во првата четвртина во која постигна 24 од своите 40 поени, на кои придодаде шест скока и седум асистенции. Покрај Кари двоцифрен број на поени кај Голден Стејт постигнаа уште Езели (13), Богут (12) и Грин (10).
Ентони Дејвис беше најефикасен кај Њу Орлеанс со 18 поени, но со лош процент на реализација, тој имаше шут од поле 4/20.
Дуелот на екипите кои претендираат на титулата на Истокот, Чикаго славеше против Кливленд со 97:95. Мечот во Јунајтед Центарот го следеше и најголемиот фан на Булси, американскиот претседател Барак Обама.
Кливленд водеше во текот на целиот меч, иако домаќините во последните две минути влегоа со предност од осум поени. Кливленд го имаше последниот напад да избори продолжение, но обидот на Леброн Џејмс го изблокира Пау Гасол.
На дебито на новиот тренер на Чикаго, Фред Хојберг, блескаше Црногорецот со шпански пасош Никола Миротиќ кој го предводеше тимот со 19 поени и девет скокови.
Леброн беше најдобриот играч на Кливленд со 25 поени, 10 скокови и пет асистенции.
Екипата на Атланта која минатата сезона со скор од 60 победи и 22 порази ја предводеше Источната конференција, новото првенство го започна со пораз на домашен терен. Детроит славеше во Атланта со 106:84, а до победата го предводеа Андре Драмонд со 18 поени и 19 скокови, односно Маркус Морис со 18 поени и 10 скокови.
Германецот Денис Шредер со 20 и Пол Милсап со 19 поени беа најефикасени кај Атланта.