20 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОЖРК Вардар против Ѓер ја отвора сезоната во ЛШ

ЖРК Вардар против Ѓер ја отвора сезоната во ЛШ

gerger

Да се направи чекор напред во однос на изминатите две сезони, односно пласман во финалето и борба за европскиот трон, е желбата на ракометарките на Вардар пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионките.

’Вардарки’ новата сезона во елитното натпреварување ќе ја отворат во сабота против двократниот европски првак Ѓер. Мината сезона ЖРК Вардар токму против унгарскиот тим стигна до завршниот турнир, но во однос на тие натпревари Ѓер сега има далеку посилен состав.

„Амбициите на тимот остануваат исти, а тоа е пласман во самиот европски ракометен врв. Ова е трета сезона за нас во ЛШ и се надевам дека ќе биде среќна, да играме во едно европско финале и, зошто и да не ја освоме ЛШ. Кога како дебитанти успеавме да се пласираме на завршниот турнир, нема причина да не верувам дека оваа сезона можеме да направиме и нешто повеќе“, рече на прес-конференцијата претседателката на Вардар, Гордана Нацева.

Дуелот против унгарската екипа ќе биде првиот официјален меч за ракометарките на Вардар уште од почетокот на мај, кога играа на завршниот турнир во ЛШ. Според стручниот штаб, немањето квалитетни натпревари е најголемиот проблем за овој тим на Вардар.

„Мислам дека Ѓер е екипа за респрект, но не треба да претеруваме, сепак тие доаѓаат кај нас. Ѓер се засили во пресрет на сезоната со неколку квалитетни ракометарки, дојде Томори од ФТЦ, Грот е многу квалитетен среден бек, пикер од Холандија која претходно настапуваше во Франција. Можеби мал проблем ќе ни преставува што ова е прв натпревар од официјален карактер. Се надевам дека девојките ќе го одработат онака како што треба и онака како што се договараме“, изјави Индира Кастратовиќ, која дополни дека е задоволна од начинот на кој новите ракометарки се вклопиле во екипата.

„Имаме силен противник веќе на стартот во ЛШ. Ѓер е многу посилен него минатата сезона, во тимот им се вратија Горбиц и Аморим. Ние со нетрпение го очекуваме натпреварот, очекувам со помош од навивачите да забележиме победа која многу ќе ни значи во продолжение на сезоната. Ѓер е можеби во предност, бидејќи тие веќе играат натпревари во нивното првенство, играат во ритамот среда-недела“, рече десното крило Јованка Радичевиќ.

Натпреварот помеѓу ЖРК Вардар и Жер ќе се одигра в сабота од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП