Во драматичниот расплет на квалификациите за Европското фудбалско првенство коешто ќе се игра во Франција следната 2016 година, Турција со играч помалку со голот на Селчук Инан во последните моменти од мечот го совлада Исланд со 1-0 и избори директен пласман.
На Турците им помогна и Казахстан кој на гостувањето jа совлада Латвија со 1-0, и ја турна на дното на табелата. Селчук Инан особено ги онерасположи Унгарците кои до минута пред крајот на мечот во Истанбул беа патници на Еуро 2016, а сега ќе мора да играат во дополнителните квалификации.
Турција за пласман, освен домашна победа на Исланд, посакуваше и победа на Казахстан на гости. Казахстанците го завршија својот дел од работата, но кога Турција во 78 минута остана со играч помалку, изгледаше дека Унгарија ќе биде најдобро третопласирана селекција. Сепак, Инан со голот во 89 минута предизвика експлозија на стадионот во Конја.
Бараж избори и БиХ која во „лудиот“ меч во Никозија во пресметката со директниот ривал го победи Кипар со 3-2.
Најголемото изненадување, и тоа непријатно, на овој циклус квалификации го приреди Холандија, која го освои само четвртото место во Групата А и испадна, така што првпат од 1984 година нема да настапи на европскиот шампионат. „Лалињата“ дома беа поразени од Чесите со 2-3, откако гостите играа добар дел од мечот со играч помалку а водеа со 3-0. Робин ван Перси беше трагичар на овој меч, откако при водство на Чешка од 2-0 си постигна трагикомичен автогол со глава.
Од Групата А директен пласман извојува Чешка и Исланд. Чесите со победата во Амстердам го освоија првото место, со головите на Павел Кадерабек во 24, Јосеф Шурал во 35 и автогокот на Перси во 66 минута, додека Холанѓаните успеаја да намалат преку Клаад-Јан Хунтелар во 70, а Робин ван Перси го „анулираше“ погодокот во сопствената мрежа во 83 минута.
Во Групата Б директен пласмана на Еуро 2016 и пред последното коло изборија Белгија и Велс, а во баражот оди Босна и Херцеговина. Босанците поведоа, преку Харис Медуњанин во 13 минута, но Кипраните го свртеа резултатот со головите на Константинот Хараламбидес во 32 и Несторас Митидес во 41 минута, а победничкиот гол за БиХ го постигна Милан Ѓуриќ во 67 минута.
Белгија го потврди првото место во групата со победата против Израел од 3-1, додека Велс во второто полувреме го реши победникот со Андора (2-0).