Денеска на распоред се последните девет натпревари од квалификацискиот циклус за Европското фудбалско првенство кое во 2016-та година ќе се игра во Франција, а многу селекции ги прават комбинациите кои ќе им овозможат да играат во дополнителните квалификации.
Засега сигурни патници во дополнителните квалификации се Украина, Ирска, Словенија, Шведска и Данска, како третопласирани во своите групи.
Унгарија ги заврши квалификациите и во моментов е најдобро третопласирана репрезентација, има 15 бодови. Може да ја прескокне само Турција, и тоа доколку Турците го совладаат Исланд и доколку Казахстан ја победи Латвија. Тогаш Турција ќе има 16 подови и ќе оди директно на Европското првенство, а Унгарија ќе оди во баражот.
Во Групата Х, Хрватска ќе отиде директно на ЕП ако ја победи Малта, а Италија освои најмалку бод против Норвешка. Доколку слави Норвешка во Рим, тогаш Хрватите ќе одат во баражот.
Во Групата Б три селекции се борат за третото место и бараж – Босна и Херцеговина, Израел и Кипар. Во последното коло се среќаваат Белгија – Израел и Кипар – БиХ. Доколку БиХ победи, сигурно ќе биде на третото место, Израел може да биде трет само ако ја изненади Белгија, а БиХ да загуби или одигра нерешено на Кипар. Кипраните, пак, можат да бидат трети ако ја совладаат БиХ, а Израел загуби или ремизира во Белгија.
И Холандија има шанси да влезе во баражот, но само доколку ја совлада Чешка, а Турција загуби од Исланд.
Жрепката за дополнителните квалификации за Еуро 2016 година ќе се одржи на 18-ти октомври во Нион. Првите мечеви од баражот ќе се одиграат меѓу 12-ти и 14-ти ноември, а реваншите меѓу 15-ти и 17-ти.
Во моментот поредокот на репрезентациите кои може да играат во баражот според коефициентот на УЕФА е : 9. Украина, 14. Хрватска, 15. БиХ, 17. Данска, 20. Шведска, 21. Ирска, 22. Унгарија, 24. Норвешка, 25. Турција, 27. Израел, 29. Словенија и 45. Кипар.