Суперѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо денеска ја прими „Златната копачка“ за најдобар голгетер во Европа за изминатата 2014/15 сезона.
Португалецот се закити за рекорден четврти пат со одликувањето по 48 реализирани погодоци во Примера дивизион. Нема друг фудбалер во речиси 50-годишната историја на изданието со толку награди.
„Никогаш не сум задоволен, сакам уште. Сакам пет, сакам шест, ако тоа е можно“, изјави со насмевка Португалецот на церемонијата во хотелот „Палас де Мадрид“ пред очите на неговата мајка и неговиот син.
„Сакам да се заблагодарам на сите кои дојдоа: амбасадорот на Португалија, тренерот, претседателот, сите од Реал Мадрид, навивачите. За мене е чест да ја добијам четвртата „Златна копачка“. Овој трофеј е многу важен за мене и сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи и на сите кои ми помагаат“, изјави Роналдо.
„Од првиот ден кога дојдов тука, за мене беше огромна привилегија да бидам дел од Реал Мадрид. Уште од доаѓањето почнав да размислувам за остварување на некои цели, бидејќи Реал Мадрид е најголемиот клуб во светот. Среќен сум исто дека мојот син може да види како неговиот татко заработува трофеи. Мајка ми веќе е навикната“, призна Роналдо.
Во историјата на наградата, која датира од 1968-ма година, никој друг не ја освоил толку пати. Најголемиот ривал на Роналдо – Лионел Меси, има во својата колекција три „Златни копачки“, а уште осум други фудбалери оваа награда ја имаат добивано два пати.
Роналдо првата награда ја освои во сезоната 2007/2008 додека го носеше дресот на Манчестер Јунајтед, во 2010/2011 со Реал Мадрид и во 2013/2014 повторно со Реал Мадрид, која ја делеше со напаѓачот на Ливерпул, Луис Суарез.