Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Томе Пачовски, во петок, против Украина ќе го одигра последниот натпревар во дресот со националниот грб. Пачовски 17 години мина во македонските национални репрезентации.
Томе Пачовски во најдобрата селекција дебитираше на 4.јуни 2006 година на пријателскиот натпревар Македонија – Турција (1-0) одигран во Германија. Натпреварот против Украина на кој ќе ја носи капитенската лента ќе му биде 47-ми во дресот на Македонија.
„Мечот со Украина ќе биде посебен за мене, веројатно најемотивниот во фудбалската кариера. Ќе се простам од репрезентативниот дрес, дресот кој го носев 17 години. Ќе се простам од тимот кој го чувствувам како семејство.
Благодарност до Фудбалската федерација на Македонија за целата поддршка, благодарност до сегашните и колегите со кои минавме долг период, време во кое имавме и радосни и моменти на тага. Благодарност до стручниот штаб, лекарскиот тим и луѓето задолжени за опремата и логистика.
Репрезентацијата ми помогна да се изградам како играч и како личност. Никогаш нема да ги заборавам убавите моменти. Чувствувам дека е време да го отстапам местото на помладите, имаме надежни голмани и не сакам да им бидам пречка во нивниот напредок“, изјавил за интернет страницата на ФФМ Пачовски.