Напаѓачот на Јувентус, Алваро Мората, не ја исклучува можноста неговиот поранешен клуб Реал да ја активира откупната клаузула во неговиот договор, но и дека тој не е сигурен како ќе реагира.
Реал пред две години му го продаде Мората на Јувентус за сума од 20 милиони евра, но во неговиот договор е вметната клаузула според која по завршувањето на оваа сезона „кралскиот клуб“ може да го откупи неговиот договор за 30 милиони евра.
„Има вистина во тоа што го пишуваат весниците околу моето враќање во Реал, но некои работи немаат врска со договорите, туку со чувствата. Среќата вреди многу повеќе“, рекол Мората.
Младиот напаѓач беше еден од хероите на Јувентус и неговиот пат до финалето во Лигата на шампионите, со неговиот гол во Мадрид, Јуве го елиминираше Реал во полуфиналето.
„Доколку повторно избориме пласман во финалето, а потоа на „Сан Сиро“ ја освоиме Лигата на шампионите, тогаш пеш ќе се вратам во Торино“, дополнил Мората.