Пред натпреварот во Лигата на шампионите во Порто (вторник, 20:45 ч), менаџерот на Челзи повтори дека во неговиот тим не постои фудбалер чие место во стартниот состав е загарантирано.
Челзи лошо ја започна одбраната на титулата во Премиерлигата со само две победи во воведните седум натпревари. ‘Сините’ на премиерлигашката табела се наоѓаат на 14-то место, викендов тие ремизираа во Њукасл.
„Местото во тимот може да ви биде загарантирано само доколку сте константни. Можете да бидете фантастичен играч, но мора да бидете константни. Ние имаме такви фантастични играчи кои минатата сезона ни ја донесоа титулата, но во фудбалот е важно она што се случува денес, а не она што се случувало вчера“, рекол Мурињо за клупската интернет страница.
Португалецот повтори дека е задоволен од тимот што го има на располагање, но дека играчите мора да покажат поголема ментална сила и во континуитет да играат добро.
„За да бидете победник на крајот не мора да го добиете секој натпревар, секако дека тука има и порази, едноставно е невозможно да се победува стално, но на секој нетпревар, секој ден, мора да бидете ментално силни. Во овој момент во Челзи нема недопирливи играчи. Имам добри играчи. Го сакам својот тим, ги сакам нивните човечки квалитети, тоа е добра група на играчи, но за некој да добие стандардно место во тимот мора да биде константен во својата форма“, рекол Мурињо.
Контроверзниот менаџер дополнил дека доколку сезоната тргне во непосакуван правец тогаш шанса ќе им пружи на младите играчи.
„Нема да имам милост. Доколку сезоната продолжи да оди во лоша насока и доколку стане јасно дека не можеме да освојуваме трофеи тогаш ќе играм со младите играчи. Зошто да играм со искусните играчи кога нема што да се освои. Во тој случај ќе играм со младите“, додава Португалецот.