10 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЕвробаскет: Србија-Чешка, Литванија-Италија

Евробаскет: Србија-Чешка, Литванија-Италија

eurobasketttttt

Четвртфиналните натпревари помеѓу Србија и Чешка (18.30 ч), односно Литванија и Италија (21 ч) ќе ја формираат втората полуфинална двојка на Европското првенство во кошарка. Во вторникот првата полуфинална двојка ја формираа Франција и Шпанија со победите над Летонија, односно Грција.

Први на теренот на стадионот во Лил ќе истрчаат кошаркарите на Србија и Чешка. Србите во првата фаза импресивно ја минаа ‘групата на смрта’ која се играше во Берлин, тие забележаа пет победи над Шпанија, Германија, Исланд, Турција и Италија, а во осминафиналето ја совладаа Финска.

„Чешка не е само Весели, тука е и Саторански кој е неверојатен асистен. Сигурно е дека не очекува тежок натпревар. Чешка е физички силен тим, атлетски јак. Весели и Саторански се доминантни играчи можат да играат во НБА лигата. Бенда, Ауда, Пумпрла се искусни кошаркари кои знаат да играат кошарка. Ние треба да ја прекинеме нивната организација, да го наметнеме нашиот стил на игра“, изјавил српскиот селектор Александар Ѓорѓевиќ, кој рекол дека неговите играчи нема да се концентрираат само на еден кошаркар, во случајов Јан Весели.

Чесите на најдобар можен начин минаа низ групата Д, славеа над Естонија, Украина и Белгија, а ‘тесно’ загубија од Летонија и Литванија. Во осминафиналето Чешка ја прегази Хрватска. Играта на Чесите се врти околу тројца играчи Саторански, Весели и натурализираниот Американец Шилб.

„Бјелица е нивниот најопасен играч, ќе имаме многу работа во обид да го задржиме. Србија е фаворит, но ние во секој меч влегуваме да победиме. Доколку ја играме нашата игра и ако борбеноста биде како досега мислам дека можеме да изненадиме“, рекол Весели кој од 16-година до пред две сезони беше играч на Партизан.

Четвртфиналната фаза на ЕП ќе ја затвори мечот помеѓу Италија и Литванија. Борба и неизвесност до самиот крај, а победникот ќе го реши одбраната. Италија по подолго време на едно големо натпреварување дојде со најсилниот состав, во групата забележаа два порази, од Турција и Србија, а во осминафиналето го декласираа Израел.

Италија предводена од НБА триото Галинари-Белинели-Барњани игра брза кошарка, а акциите неретко ги завршуваат со шутеви за три поени каде доминира Белинели.

„Литванија е тим кој има повеќе килограми и сантиметри од нас, тренерот може да смета на неколкумина одлични играчи од Евролигата и НБА лигата. Концентрацијата мора во секое време да ни биде на највисокото ниво и да го испочитуваме она што ќе го побара нашиот тренер од нас“, изјавил првиот стрелец на Италија на ЕП Данило Галинари.

Литванија е стално во врвот на европската кошарка, но на ова ЕП се мачи уште од првиот меч, две средби во првата фаза доби во последните секунди, една по продолжението, а во последната секунда го загуби мечот со Белгија.

Атипично за Литванците на овој шампионат акцент ставаат врз играта во одбраната, меѓу најдобрите се со примени 69,5 поени по натпревар.

„Одбраната е секогаш важна, но ќе мора и ние да наппаднеме, тие постигнуваат по 80 поени, па ќе мора и ние толку да постигнеме, што значи дека на овој меч и нападот ќе ни биде истот толку важен како и одбраната“, изјави литванскиот селектор Јонас Казлаускас.

Голема главоболка за Литванците е центарот Јонас Валанчунас кој многу малку играше против Грузија, бидејќи два дена пред тој меч не се чувствувал добро.

„Се надевам дека ќе ниде подготвен. Размислуваме како да се одбраниме од атипичната кошарка која ја играат, но и тие ќе треба да размислуваат како да се одбранат од Валанчунас. Мораме добро да го искористиме нашито центар, никако не смееме да ја прифатиме нивната брза игра“, заклучил Казлаускас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП