20 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОРусија, БиХ и Исланд испаднаа од ЕП

Русија, БиХ и Исланд испаднаа од ЕП

косасарка

Франција, Србија и Грција и по четири кола на ЕП имаат максимален учинок, додека на коло пред крајот првенството заврши за Босна и Херцеговина, Русија и Исланд. Последното коло ќе решава кои селекции ќе ги освојат првите места во групите А, Б и Д.

Група А:

Финска ја декласира БиХ со 88:59 и со ги обезбеди пласманот во втората фаза, додека БиХ ги загуби шансите за понатамошен пласман. Петмина фински играчи постигнаа двоцифрен број на поени, а најефикасен беше Волсон со 16 поени.

Израел во пенал завршница беше поуспешен од Полска со 75:73. Новиот плејмејкер на Црвена ѕвезда, Мекел во последните 29 секунди реализираше шест слободни фрлања, а мечот го заврши со 18 поени.

Домаќинот Франција се мачеше против Русија но успеа да победи со 74:67. Русите имаа предност 37 минути но немаа сили да стигнат до првиот триумф на ЕП. Франција до првата предност стигна на три минути до крајот со поените на Ловерњ, а потоа Де Коло и Гобер го потврдија триумфот.

Де Коло со 13 поени, односно Гобер со 12 поени и 10 скока ја предводеа Фрнација до четвртата победа, додека Фридзон со 20 поени беше најефикасен кај Русија.

Табела: Фрнација 4/0, Израел 3/1, Полска 2/2, Финска 2/2, БиХ 1/3, Русија 0/4

Група Б:

Србите и нанесоа убедлив пораз на Турција 91:72 и го задржаа максималниот ефект во оваа група. Србија победата ја најави со фуриозната игра во првиот период (30:14). Блескаше Теодосиќ со 17 поени и 13 асистенции.

Италија во драматичен меч, во дополнителните пет минути славеа над Германија со 89:82. Мечот во регуларниот дел заврши со резултат 76:76, Галинари го израмни резултатот на четири секунди до крајот, а последниот напад за Германија не го реализираше Шредер.

Галинари постигна 25 поени, тој е прв стрелец на првенството, а по 17 уфрлија Белинели и Барњани. Шредер со 29 поени беше најефикасен кај домаќинот.

Шпанците по поразот од Италија, лесно се справија со Исланд триумфирајќи со 99:73. Миротиќ со 22 и Гасол со 21 поен и 7 скока беа најдобри кај Шпанците.

Табела: Србија 4/0, Италија 3/1, Шпанија 2/2, Турција 2/2, Германија 1/3, Исланд 0/4

Група Ц:

Грција во возбудлив натпревар славеше над Словенија (83:72) и го потврди првото место во оваа група. Грците имаа 17 поени предност на почетокот на третиот период но Словенците носени од своите навиачи се вратија во мечот, стигнаа на негатива од два поени, но немаа сили за пресврт.

Блескаше Блажиќ кај Словенија со 29 поени (13 во третата четвртина), а Драгиќ уфрли 22. Грција ја предводеа Спанулис со 19 и Принтезис со 16 поени.

Македонија го загуби најважниот меч на првенството, против Грузија момците на Марјан Србиновски загубија со 75:90.

Хендрикс со 14 поени и седум скока и Дамјан Стојановски со 14 поени беа најефикасни кај Македонија, Трајковски постигна 13, а Костоски 12 поени.

Грузија до првата победа на ова ЕП ја предводеше Пачулија со 23 поени и 14 скокови, Маркоишвили уфрли 18, а Шенгелија 15 поени.

Хрватска со многу напорт успеа да слави над Холандија 78:72. холанѓаните имаа предност и од десет поени во првото полувреме, Хрватска успеа да се врати од негативата да стигне до 11 поени предност, но упорните Холанѓани не се предаваа, на нецели 150 секунди до крајот стигнаа до минус од два поени но не и до целосен пресврт.

Симон со 18 поени, седум скока и осум асистенции беше најдобриот хравсткси играч, 15 постигна Шариќ, а по 13 Томиќ и Богдановиќ.

Шафтенар со 19 кошеви беше најефикасен кај Холандија.

Табела: Грција 4/0, Хрватска 3/1, Словенија 2/2, Грузија 1/3, Македонија 1/3, Холандија 1/3.

Група Д:

Чешка во крајно неизвесен меч славеше над Белгија со 66:64 и си обезбеди пласман во наредната рунда. Весели со двоен ефект ја предводеше Чешка (21 поен, 12 скокови), а играчот на Барселона Саторански имаше учинок од 18 поени и девет асистенции. Табу со 12 кошеви беше најпрецизен кај Белгија каде целосно потфрли Лоџески кој постигна само три поени.

Украина против домаќинот на оваа група Летонија стигна до првиот триумф на ЕП. Фесенко со 21 и Липовиј со 15 поени ја предводеа Украина до победата од 75:74.

И последниот меч од четвртото коло во оваа група донесе вистинска драма, Литванија славеше над Естонија со 64:62. Естонците одиграа одличен меч имаа седум поени предност на четири минути до крајот, но накрајот ја испуштија можноста да ја забележат втората победа во групата. Кузминскас го израмни резултатот на 28 секунди до крајот, потоа Вене лошо го организираше нападот на Естонците, а искусниот Мачиулис погоди на две секунди до крајот за победа на Литванија.

Мачиулис со 15 поени и 10 скока ја предводеше Литванија, која на овој меч играше без својот најдобар играч Валанчиунас.

Табела: Литванија 3/1, Чешка 3/1, Белгија 2/2, Латвија 2/2, Украина 1/3, Естонија 1/3.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП