20 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОТежок пораз на кошаркарите од Грузија

Тежок пораз на кошаркарите од Грузија

мак-грузија

Кошаркарската репрезентација на Македонија доживеа пораз од Грузија 75:90 (18:21, 19:27, 18:23, 20:19) во претпоследното коло во Ц групата на Европското првенство.

Поразот од Грузија ги сведе на минимум шансите на македонските кошаркари за пласман во втората фаза од шампионатот, бидејќи во евентуален круг на три репрезентации со по една победа (Македонија, Грузија, Холандија) ‘црвено-жолтите’ го имаат најлошиот кош количник.

Избраниците на Марјан Србиновски во за нив најзначајниот меч во групата одиграа лошо и поразот од 15 кошеви најдобро ја отсликува ситуацијата на теренот. Губеше Македонија на ова првенство два пати по 20 разлика од Грција и Хрватска, но на тие натпревари играта на Македонија во две третини имаше ‘глава и опашка’.

Одбраната на овој меч беше дисфункционална, бавно се движеа нашите кошаркари во одбраната, лошо превземаа, центрите Самарџиски и Хендрикс рано влегоа во проблеми со личните грешки, што му овозможи на Пачулија да ја контролира играта под двата коша.

Проблематичен беше и нападот, немаше течно движење на топката и најчесто кошаркарите индивидуално ги завршуваа акциите.

Чудно прво полувреме одиграа Македонија и Грузија, двата тима играа и постигнуваа поени во серии. Македонија првиот кош од игра го постигна по шест минути, тоа Грузијците го искористија и почетното водство на Македонија од 3:2 (три поени од линијата за слободни фрлања), го претворија во позитива од 3:15.

Грузија најпрвин во шестата, а потоа и во осмата минута стигна до позитива од 14 поени (5:19, 7:21). Надеж дека лошиот старт е само момент на слабост на нашите кошаркари и даде серијата од 13:0 со која се доближија на кош негатива (20:21).

Следуваше жесток одговор на Грузија, четири минути во кои стигнаа до водство од 25:40, со кое и го најавија конечниот исход.

Последен обид да се врати во мечот Македонија го имаше во периодот од 15. до 18.минута кога со серија од 12:0 се доближи на 37:40. И потоа наместо да се одржи ритамот на игра ‘црвено-жолтите’ повторно попуштија во дефанзивата, нападите беа организирани хаотично, што Грузијците го претворија во водство од 37:48 на крајот од првиот дел, односно максимални во тој момент 40:56 (23.минута).

До крајот на мечот Грузијците без поголем напор ја одржуваа предноста која во еден момент достигна и 21 поен.

Хендрикс со 14 поени и седум скока и Дамјан Стојановски со 14 поени беа најефикасни кај Македонија, Трајковски постигна 13, а Костоски 12 поени.

Грузија до првата победа на ова ЕП ја предводеше Пачулија со 23 поени и 14 скокови, Маркоишвили уфрли 18, а Шенгелија 15 поени.

Во последното коло во групата, кое на програмата е в четврток Македонија ќе игра против Словенија (15 часот), а Грузија за противник ќе ја има Хрватска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП