4 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОШпанија со помош на Пачовски славеше на „Филип Втори“

Шпанија со помош на Пачовски славеше на „Филип Втори“

spanija-makeodnija

Фудалската репрезентација на Македонија загуби од Шпанија со 0:1 (0:1), во натпреварот од осмото квалификациско коло, во групата Ц, за пласман на Европското првенство. Шпанците славеа со среќниот гол на Хуан Мата во осмата минута, освоија три бода и го обезбедија учеството на ЕП, додека Македонија остана закована на последното место во групата.

Македонската репрезентација против европскиот првак одигра коректен натпревар, со многу желба и трчање. Шпанците не одиграа со полна сила, но играта на македонската репрезентација беше и повеќе од коректна. Сите линии делуваа координирано и во една таква игра Шпанија не успеа да создаде многу можности пред голот на Пачовски.

Двајцата селектори изненадија со почетните состави, особено Друловиќ кој на клупата ги остави Трајковски и Ибраими, а во националниот тим му овозможи да дебитира на младиот Радески. Од друга страна Шпанецот Дел Боске во однос на мечот со Словачка смени петмина во стартниот тим.

Почетното испитување на силите и летаргијата која владееше на теренот ја разби Хуан Мата кој во осмата минута го совлада Пачовски. Играчот на Манчестер Јунајтед нафрли од десната страна, топката доби чудна патека и заврши зад грбот на Пачовски, кој лошо го процени нејзиниот лет.

Веднаш потоа Македонија се обиде да се закани, изведоа нашите репрезентатици два корнери по ред, но ниту еден од нив не донесе опасност по голот на Де Хеа.

Македонија првата шанса ја имаше во 16.минута, Ашковски го проигра Петровиќ, а овој од 14 метри биеше над голот на Де Хеа.

Наредните возбудувања следуваа во финишот на првиот дел, во 42.минута малку недостигаше Карвахал да го копира голот кој го постигна Мата. Бекот на Реал нафрли, одново топката доби чудна патека, Пачовски индиспониран на голот повторно имаше лоша проценка, но за негова среќа гредата спречи нов гол на Шпанија. Во продолжение на акцијата Бернат биеше но топката заврши во блокот на дефанзивците на Македонија.

Второто полувреме започна со убава шанса за Македонија, Хасани имаше слободен удар, но ударот од 17 метри заврши крај десниот дирек од голот на Де Хеа.

Десет минути по шансата на Хасани Шпанците организираа опасна акција, но Шиков во последен момент влезе во блок и го спречи ударот на Давид Силва.

Нова шанса Хасани имаше на истекот на 60.минута, лошо реагираше Пике на нафрлувањето на Жута, но на пет метри од голот Бускетс во последен момент интервенираше пред Хасани.

Андрес Иниеста во 77.минута влезе во игра и три минути подоцна ја креираше опасна акција, со дијагонала го проигра Карвахал, но волејот на шпанскиот дефанзивец беше непрецизен.

Македонија: Пачовски – Брдаровски, Шиков, Ристевски, Жута – Глигоров, Петровиќ – Радески (Ибраими), Хасани, Ашковски (Барди) – Ивановски (Трајковски)

Шпанија: Де Хеа – Карвахал, Рамос, Пике, Бернат – Бускетс, Казорла (Коке), Иско (Иниеста) – Давид Силва, Мата, Диего Коста (Пако Алкасер).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП