Да се биде дел од својот национален тим е чест и привилегија, независно дали се игра за Шпанија, Сан Марино, Исланд или некоја друга репрезентација.
Да се игра за својата земја треба да е мотив сам по себе, да се игра со срце, со страст и респект кон татковината и да се даде својот максимум. Бидејќи ако нема лични и тимски заложби и мотивиран, непобедлив дух кој води кон победа и најдобриот тренер, ниту селектор на светот не можат многу да придонесат. А кога се гине за нациналниот тим, кога постои тимски дух и взаемна поддршка резултатите ќе дојдат. Таков е примерот со Исланд, земја од 200.000 жители која веќе обезбеди пласман на ЕП и тоа пред големата Холандија, Турција и Чешка.
А кога ќе се изгуби битката со Луксембург, тогаш е јасно е дека не се дава максимумот и фокусот на играчите не е на теренот и во националниот тим. Квалитетот сигурно е на страната на македонската фудбалска репрезентација, но на теренот тоа фудбалерите не го покажуваат.
„Лично сметам дека некои играчи имаат потенцијал за многу повеќе, од тоа што го покажуваат на теренот. Јасно е дека во клубовите играат за пари, но тука играат со срце, со мотив и треба да ги води голема желба за прогрес на националниот тим. Мислам дека ќе го разберат тоа. Можеби на овие наши простори и менталитетот е проблем, па ќе мора да се надмине таа пречка“, истакна селекторот Љубинко Друловиќ на денешната прес конференција.
Фудбалерите не се дојдени да се ’рекреираат’ кога се во репрезентацијата на Македонија. Напротив треба да покажат поголема почит и одговорност. Жално е што на некои репрезентативен повик им е само товар, тренингот им е обврска, како и натпреварот и националниот дрес…
И тоа токму на оние од кои очекувате да бидат вистинските лидери на теренот.
Во февруари 2015 година, репрезентацијата на Македонија се најде на 104 место на листата на ФИФА, со освоени 320 бодови. На мартовската ранг-листа, Македонија падна за четири места и се најде на 108 место со 308 бодови, при што влезе во групата на десетте најслаби европски репрезентации. Овој јуни, Македонија направи скок од пет места и се најде на 100 место на ранг-листата на ФИФА, со 321 поен.
На септемвриската ранг-листа на ФИФА, Фудбалската репрезентација на Македонија се наоѓа на 104 место.