Македонската фудбалска репрезентација, во вторник (20:45) ќе ја пречека селекцијата на Шпанија во рамките на осмото коло, во квалификациската група Ц, за пласман на Евроското првенство.
Дуелот со актуелниот европски првак доаѓа во незгоден момент за репрезентацијата, по саботниот пораз во Луксембург (1:0). Селекторот Љубинко Друловиќ на прес конференцијата пред натпреварот потенцираше дека Шпанија е апсолутен фаворит, но дека неговите избраници ќе се обидат да се издигнат по тешкиот пораз од Луксембург и дека ќе можат да му парираат на противникот.
„Очекуваме дека со победа против Луксембург ќе го дочекаме овој натпревар, но тоа не се случи. Јас на играчите на состанокот им кажав дека тој меч мора да го заборавиме и да се насочиме кон Шпанија, бидејќи знаеме дека нé очекува тежок натпревар. Ќе мора да бидеме компактни, да си помагаме во играта, да знаеме да одговориме на притисокот на Шпанија. Играчите знаат што ги очекува, подготвени се да го дадат максимумот и се надевам дека ќе ја оправдаме довербата на публиката“, рече селекторот Друловиќ и дополни дека се надева дека нема да бидат исвиркани од публиката иако, како што рече, „можеби тој и фудбалерите тоа го заслужија“.
Поразот од Луксембург ја отвори дилемата дали во репрезентацијата постојат кланови кои ја нарушуваат атмосферата и, пред сé, тимскиот дух во националниот тим.
„Се обидуваме да создадеме компактен тим, каде секој ќе го респектира својот соиграч. Јас сметам дека сиве овие момци се добри професионалци и сите сме свесни дека од моето доаѓање на овие две средби не одигравме добро. Во вакви ситуации е нормално некој со некого повеќе да се дружи, не можат сите да бидат најдобри пријатели, но тие мора да се респектираат како соиграчи и професионалци. Мислам дека атмосферата е добра, момците се свесни дека мора и пред публиката да се ‘вадиме’ за тој пораз во Луксембург“, истакна селекторот.
Друловиќ сé уште не одлучил со кој состав ќе го започне натпреварот, а не ја исклучи можноста во стартниот тим да се најде некој од четворицата играчи кои од младата селекција се прекумандувани во А тимот: Енис Барди, Бобан Николов, Ѓоко Зајков и Марјан Радески.