Кошаркарската репрезентација на Македонија ја забележа првата победа на Европското првенство, откако во второто коло во Ц групата славеше над Холандија со 78:71 (19:20, 24:11, 13:18, 22:22). Македонија со оваа победа си ги направи реални шансите за пласман во втората фаза на Евробаскетот.
Македонија против Холандија одигра одличен меч во сите сегменти, одбраната беше доволно цврста и подвижна, а нападот организиран и трпелив, исклучок беше скокот, бидејќи Холанѓаните ја добија битката под обрачите 42/29.
Холандија подобро влезе во мечот, стекна предност од 2:7 по четири минути игра, а Македонија првото водство го имаше во осмата минута кога Симоновски погоди тројка за 13:11. Израмнетата прва четвртина во која Холандија доминираше во скок играта, а Македонија го имаше расположениот Хендрикс заврши со поен предност за ‘лалињата’ 19:20.
На почетокот на вториот период Македонија го засили ритамот, проработи шутот за три поена и во 26. минута по тројките на Костоски (две) и Дамјан Стојановски ‘црвено-жолтите’ стигнаа до предност од осум поени 24:32.
Во тој момент Македонија ја најави победата над незгодните Холанѓани, кои во првото коло ја изненадија фаворизираната Грузија.
Капитенот Илиевски погоди за два поена во 17. минута кога Македонија првпат стекна двоцифрена предност 36:26.
Ударите за три поена беа главното оружје на Холандија во третата четвртина (погодија три од четири обиди), но во нашиот тим се разигра Бојан Трајковски кој беше ‘тивок’ во првото полувреме и не дозволи предноста на Македонија да падне под пет поени.
Седум поени предност имаше Македонија на почетокот од последниот период, во завршницата таа изнесуваше и 15 поени.
Предноста на Македонија во последните четири секунди изнесуваше 11 поени (78:67), но тогаш Ѓуровски без причина направи неспортска лична грешка, а Холандија од таа глупост профитираше со четири поени за конечни 78:71.
Капитенот Илиевски со 14 поени и 7 асистенции ја предводеше Македонија, а двоцифрен број поени постигнаа уште четворица играчи, Трајковски и Костоски постигнаа по 13, Војдан Стојановски 11, а Хендрикс 10 поени.
Наредниот меч Македонија ќе го одигра во вторник, на 8. септември од 21 часот против домаќинот Хрватска.