
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во четврток ги прими членовите на Македонската карате репрезентација, Мартин Несторовски и Емил Павлов, кои учествуваа на неодамнешните први Европски олимписки игри одржани во Баку, Азербејџан.


Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во четврток ги прими членовите на Македонската карате репрезентација, Мартин Несторовски и Емил Павлов, кои учествуваа на неодамнешните први Европски олимписки игри одржани во Баку, Азербејџан.
Повод за приемот на делегацијата на Карате федерацијата на Македонија е остварениот успех на македонските репрезентативци кои освоија два бронзени медали на игрите каде што спортистите се натпреваруваа во вкупно 20 спортови и 18 различни дисциплини.
Македонскиот карате репрезентативец Мартин Несторовски го освои бронзениот медал во дисциплината „кумите“ +84 килограми, додека Емил Павлов го освои бронзениот медал во дисципината “кумите“ +60 килограми.
Претседателот Иванов на средбата им го честиташе овој голем успех на македонските каратисти посакувајќи им и натаму да продолжат со остварување нови спортски достигнувања и достојно да ја промовираат Република Македонија во светот.
„Вашите успеси претставуваат позитивни примери и другите млади луѓе да спортуваат и да ги следат вашите достигнувања. Вие на најдобар можен начин ја претставувате Македонија на големите спортски натпреварувања. Спортските успеси нè прават горди, и затоа инвестициите во спортот треба да продолжат и во иднина, со уште поголем интензитет“, истакна претседателот Иванов на средбата, додавајќи дека каратето како спорт и вештина, бара голема физичка, но и психичка подготвеност и е израз на изграден и цврст карактер.
Членовите на македонската карате репрезентација заедно со селекторот Петар Белистојановски се заблагорадија за приемот и го информираа претседателот Иванов за настапот на олимписки игри од ваков карактер, како и за плановите во иднина и учеството во големите интернационални натпреварувања кои следат, изразувајќи цврсто уверување и понатаму да постигнуваат врвни резултати.