21 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПретседателот Иванов го прими македонскиот спортист Андреј Стојановски

Претседателот Иванов го прими македонскиот спортист Андреј Стојановски

iv stojanovski

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска го прими македонскиот спортист Андреј Стојановски, кој освои сребрен медал на Светското првенство во пливање за глуви во Сан Антонио, САД.

Претседателот Иванов изрази искрени честитки до Стојановски за остварениот врвен резултат, како и за сите негови досегашни успеси во домашни и меѓународни рамки, со кои не само што се афирмираат спортските вредности, туку се мотивираат и сите останати млади лица со инвалидност да вложуваат во себе и во спортот.

„Вашиот подвиг е доказ дека со упорност и желба секој може да постигне успех“, рече претседателот Иванов, додавајќи дека резултатот на Стојановски заслужува големо внимание и почит.

Иванов му посака на младиот спортист уште многу вакви достигнувања кои што истовремено придонесуваат и за меѓународната афирмација на Република Македонија. Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија неизмерно се гордее и секогаш ќе ги поддржува спортските активности на лицата со инвалидитет.

„Ваквите позитивни и светли примери се дополнителен мотив сите заедно уште посилно да се залагаме за унапредување на правата, потребите и положбата на лицата со инвалидност“, истакна претседателот Иванов, и воедно апелираше грижата за нив да биде континуирана и системска, како од државата, така и од општеството во целост.

Стојановски се заблагодари за средбата и го информираше претседателот Иванов за неговите досегашни успеси во пливање, како и за предизвиците и плановите во иднина. Воедно, Стојановски се заблагодари за поддршката од македонските институции.

Андреј Стојановски го освои сребрениот медал во дисциплината на 1.500 метри слободен стил на Светското првенство во пливање за глуви во Сан Антонио, САД, кое се одржа од 17-22.08.2015 година. На ова Светско првенство учествуваа вкупно 22 држави. Резултатот на Стојановски е најдобро постигнат резултат во пливање на спортисти со инвалидитет во Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП